„За да се справиме со најтешката зима која што ни претстои, од аспект на снабдување со енергенси, од аспект на цени на храна, од аспект на цени на суровини, присуствуваме на сите регионални и европски средби за изнаоѓање на најдобри решенија во однос на заштитата на основните потреби на граѓаните и во таа насока беше и она што се случуваше во Александропулис, односно почетокот на изградба на гасниот терминал“, истакна претседателот на Владата Димитар Ковачевски во емисија на ТВ 21.
„Ние во моментов имаме снабдување само со руски гас и секоја алтернатива дополнителна како што што е течниот гас којшто треба да биде овозможен преку Александропулис е добредојдена. Рокот зададен на инвеститорите е 20 месеци за да биде завршено. Дополнително на тоа ние сме подготвени веднаш да влеземе во проектот за изградба на гасоводот од Александропулис преку Солун до Неготино и тоа во истиот период за да се реализира снабдувањето со гасот во нашата земја“, објасни премиерот Ковачевски.
Тој дополни дека како држава веќе донесовме одлука да се закупат одредени количини гас потребни за државата и дека следно е поврзувањето со Бугарија со интерконектор за азербејџанскиот гас кој што ќе треба да овозможи трета алтернатива за снабдување.
„Во тој случај би имале снабдување со гас непречено и по цени кои што се пониски бидејќи секогаш кога имате повеќе алтернативи цената паѓа. Дополнително на тоа енергетските компании во државата работат и на обезбедување, односно осигурување на алтернативни горива“, потенцираше премиерот Ковачевски во интервју за ТВ 21.
Ковачевски посочи дека на максимално ниво е поставено производството на електрична енергија во државата и дека во полна функција се ставени РЕК Битола, РЕК Осломеј и ТЕЦ Неготино.
„Дополнително, пред три недели ја пуштивме 10 мегаватната фотоволтаична централа во Осломеј каде што се потпишани договорите за уште една 10 мегаватна централа во сопственост на ЕСМ и 100 мегавати кои што ќе бидат изградени од страна на партнери, едниот турски, другиот бугарски партнер со што ќе имаме дополнителни 120 мегавати производство на електрична енергија“, рече Ковачевски.
Премиерот укажа и на фактот дека проектот ХЕЦ Чебрен е во втора фаза и дека нуди можност за енергетски капацитет кој што ќе овозможи базна енергија за државата и дополнителна можност за изградба дополнителни обновливи извори на енергија.
Од капацитетите од обновливи извори на енергија, како наша определба на нашата стратешка енергетска транзиција, премиерот Ковачевски ги истакна стратешките инвестиции за ветерен парк од Куманово до Крива Паланка на германската компанија ВПД, како и изградбата на голема соларна централа во штипско на француската „Акуо“.