Ковачевски: Сите пратеници да бидат одговорни, блокадите се на штета на граѓаните
Претседателот на Владата Димитар Ковачевски во одговор на новинарско праша истакна дека е апсолутно неодговорно во услови на криза да се врши бојкотирање и блокирање на Собранието.
„Тоа граѓаните не го заслужуваат. Пратениците треба да бидат одговорни бидејќи нив не ги бираат политички партии туку ги бираат граѓаните. Тие треба да бидат таму 24 часа како што е и наведено во самиот деловник на собранието бидејќи собранието е практично во постојано заседавање и треба да носи одлуки кои што ќе значат подобро за сите граѓани во државата“, потенцираше премиерот Ковачевски.
Тој додаде дека и покрај блокадата на Собранието од страна на ВМРО-ДПМНЕ, а не од целата опозиција, тоа сепак функционира.
„На последната седница е усвоен дневниот ред и беа изгласани дел од точките за кои што постоеа исполнети услови за нивно усвојување. Потоа гледаме дека на Комисијата за избори и именувања веќе почна расправата за избор на уставни судии, каде што сите политички партии ги предложија своите предлози и според мислења на стручната јавност се работи за лица кои што се предложени од страна на пратениците и за кои што ќе има вредна расправа и за кои што следува избор на уставни судии.
Секоја политичка партија треба да биде одговорна и да даде максимум да се носат мерки и да се носат закони кои што го олеснуваат секојдневниот живот и кои што се грижат за задржување на стандардот на населението“, посочи Ковачевски.
„Не постојат закони кои што не влијаат на општествените процеси во позитивна смисла, и тука не може да се смета Собранието за супермаркет каде што некој ќе одлучува кој закон ќе помине кој нема да помине. Секое законско решение содржи во себе или унапредување на одредени процеси или унапредување на одредени права на граѓаните или на компаниите во државата бидејќи не сите закони се однесуваат исклучиво на граѓаните туку има голем дел на законски решенија кои што се однесуваат на подобри услови на деловната заедница во државата“, нагласи премиерот Ковачевски.
Ковачевски дополни дека има голем број на одредени групи во општеството на кои што треба да им се излезе во пресрет и дека постојат голем број на законски решенија кои што се важни за напредокот на развојот на општеството и за усогласувањето со директивите на ЕУ.