Заменик-претседателот на Владата за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денеска беше дел од тркалезна маса со поголем број на претставници од данските индустрии и директорот на Дански Индустрии, Јенс Холст Нилсен.
Целта за организирањето на тркалезната маса е презентација на поволностите и бизнис климата за инвестирање во Северна Македонија, зајакнување на бизнис врските помеѓу двете земји како и можностите за nearshoring за данските компании. Во фокус беа темите за енергетика и преработувачката индустрија.
Вицепремиерот Битиќи упати порака кон присутните дека Северна Македонија е доверлив партнер на инвеститорите и дека тие можат да сметаат на отворена врата и помош при нивните одлуки за инвестирање во нашата земја.
Во текот на денешниот ден, втор од бизнис посетата на вицепремиерот Битиќи, се сретна и со Филипе Волот, директор на Данске Банк која е најголема банка во Данска која работи во нордиските земји, но и пошироко. Се разговараше за можностите за финансирање на инфраструктурни проекти, енергетика и образование како и размена на искуства за онлајн банкарство.