Премиерот Димитар Ковачевски заедно со делегацијата која ја предводи, во Рим во базиликата Сан Клементе, пред гробот на Свети Кирил, оддадоа почит по повод празникот - Денот на сесловенските просветители.
Во продолжение ви ја праќаме изјавата на премиерот Ковачевски во целина.
„Почитувани претставници на медиумите,
Денеска овде во Рим, во базиликата Сан Клементе, пред гробот на Свети Кирил, го чествуваме празникот - Денот на сесловенските просветители. Одбележуваме еден исклучително значаен цивилизациски процес за Северна Македонија, Европа и светот, остварен преку нивните мисии меѓу словенските народи во деветтиот век.
Подвигот на светите браќа Кирил и Методиј и нивниот ученик Свети Климент ја задолжи тогашната сесловенска христијанска цивилизација. Нивната мисија, Библијата да биде достапна и на сите јазици на сите Словени и тогаш и денес има наднационална, цивилизаторска и обединувачка улога.
Светите браќа овозможија Библијата да биде достапна за сите Словени и старословенскиот јазик да се воведе во црковните служби. Истовремено, Светите Кирил и Методиј и нивните ученици, ќе започнат и далеку поширока културна активност преку описменување на населението, превод на книги и формирање на книжевни школи, од кои подоцна ќе произлезе и Светиклиментовата Охридска школа.
Епохалното дело на Светите Кирил и Методиј, на различните словенски народи им овозможи самоуверено да зачекорат на светската цивилизациска сцена. Во тој дух, ние денес оддаваме почит на делото на Светите браќа, заедно со сите останати словенски и други народи, кои чувствуваат ист долг кон нивната мисија и наследство, и ги слават со достоинство и чест.
Затоа и Папата Јован Павле Втори во својата енциклика, од 31 декември 1980 година, ги прогласи Светите браќа за заштитници на Европа.
Мисијата на Светите браќа Кирил и Методиј е еден од првите примери на поврзување на различни култури со истовремено почитување на разликите.
Тоа е вредност на која ние и денеска се повикуваме и која ни посочува да бидеме свртени кон иднината во која заедничките допирни точки не нè делат, туку напротив нè поврзуваат.
Нивната просветителска мисија има посебно место во историјата на македонската држава. Во тој дух ние денеска можеме да кажеме дека Република Северна Македонија го чува и го негува делото на светите браќа, заедно со сите други народи. Со сите народи коишто ја препознаваат и слават нивната цивилизациска мисија со достоинство и чест.
Оваа вредност, и после повеќе од 1150 години нè учи и нè инспирира за дијалог и меѓусебно разбирање.
Би сакал да ја искористам оваа прилика и во мое лично име и во името на Владата на Република Северна Македонија, на Архиепископот охридски и македонски Г.Г. Стефан, на членовите на Синодот, на ценетото свештенство и монаштво, како и на сите православни верници во нашата земја да им го честитам големиот празник денот на Светите рамноапостолни Кирил и Методиј.
Оваа година 24 Мај - Денот на сесловенските просветители го одбележуваме во светлината на историската одлука на Вселенската Патријаршија да ја прифати МПЦ-ОА во литургиско единство во православната заедница.
Воедно, дозволете ми во мое лично име и во име на Владата на Република Северна Македонија на ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, на деканите, продеканите, професорите, сенаторите и на сите сегашни, минати но и идни студенти да им го честитам 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј и патрониот празник на УКИМ.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е нераскинлив дел од историјата на Северна Македонија како прв државен универзитет во нашата земја. УКИМ ја исполнува својата мисија на еден од столбовите на нашата државност и како достоен продолжувач на визијата и просветителската дејност на светите браќа Кирил и Методиј.
На сите граѓани на Република Северна Македонија, им го честитам 24 мај – Денот на сесловенските просветители браќата Свети Кирил и Методиј. Нека е вечен споменот на нив“.