Премиерот Димитар Ковачевски по средбата со претседателот на Советот на министри на Италија Марио Драги, истакна дека Италија е важен политички и економски партнер на Северна Македонија. Ковачевски подвлече дека следната година ќе одбележиме 30 години од воспоставувањето на нашите дипломатски односи.
Во продолжение изјавата на премиерот Ковачевски во целина.
„Почитувани претставници на медиумите,
Италија е важен политички и економски партнер на Северна Македонија. Следната година ќе одбележиме 30 години од воспоставувањето на нашите дипломатски односи. За време на овој период продолживме да ги негуваме традиционално добрите и пријателски односи. Имаме активен политички дијалог и динамична соработка меѓу државите.
Негуваме одлични односи и исклучителна соработка, а средбата со премиерот Марио Драги е уште една силна потврда за континуираните успешни билатерални односи помеѓу нашите двете земји.
Италија е наш важен трговски партнер со вкупен билатерален трговски обем од над 730 милиони долари, а италијанскиот пазар е препознат како еден од најважните пазари на кои се извезуваат македонски производи. Нашата соработка е значајна и во културата, образованието и науката, како и во земјоделство и истата очекуваме да се прошири и продлабочи. Нашата дијаспора е активна и е важен чинител во италијанското општество и е мост за унапредување на нашата соработка.
Воедно, Италија е земја членка на ЕУ која е наш сојузник во напорите за пристапување на Северна Македонија во Унијата и постои согласност дека истото треба да се случи без дополнително одлагање. Италијанската силна, гласна и доследна поддршка за процесот на интеграција на Северна Македонија во Европската Унија е од особено значење за нас и за истата изразувам голема благодарност.
Имаме заедничка согласност со премиерот Драги дека остварените резултати на нашата земја на патот на евроинтеграциите треба да имаат своја завршница со итно отворање на пристапните преговори. Потребата за забрзан процес на евроинтеграција на Северна Македонија и Албанија, во моментов е прашање од геополитички аспект но и безбедносно прашање клучно за стабилноста и просперитетот на нашиот регион и самата ЕУ.
Со премиерот Драги изразивме задоволство за единство кое го покажаа НАТО сојузниците како и Европската Унија во контекст на актуелната состојба со руската агресија врз Украина. Нашиот брз одговор и 100% усогласеност со надворешната политика на ЕУ и безбедносните политики на НАТО покажа дека Северна Македонија е вистински и кредибилен партнер, споделувајќи ги истите вредности на слободниот и демократски свет.
Дополнително, би сакал да потенцирам дека од особено значење за нас е и италијанската поддршка која секоја година ја добиваме за организацијата и за учеството на манифестациите во чест на Светите Кирил и Методиј во Рим, како и за претставувањата на уметниците од нашата земја на Биеналето во Венеција.
Би сакал да ја искористам приликата и уште еднаш да ја изразам мојата како и благодарноста на граѓаните и Владата на Северна Македонија за пријателството, за поддршката и за иницијативите што Италија ги покажува за унапредување на односите меѓу двете земји. Во тој дух, ги очекувам највисоките членови на италијанската Влада на претстојниот „Преспа форум за дијалог 2022“ каде ќе разговараме за обликувањето на иднината на Западен Балкан во современата европска безбедносна архитектура“.