„Отворен Балкан“ обединува и надминува бариери и создава фондови за заедничка културна соработка

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска претседаваше со пленарната сесија „Отворен Балкан отвора култура“, во рамки на Самитот на „Отворен Балкан“, кој годинава се одржува во Охрид.

Зборувајќи за културата, која не познавајќи граници ги обединува и зајакнува врските меѓу луѓето, надминувајќи ги сите разлики, Маричиќ подвлече дека во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“, лидерите на земјите од регионот преземаат обврски за промовирање на регионалната мобилност на уметници и експерти и преку размена на искуства, вмрежување и промоција на културата и уметноста на уметниците од Западен Балкан во меѓународен контекст.

„Нашата земја е меѓу земјите-учеснички во новата програма „Креативна Европа“, која го опфаќа периодот 2021-2027 година и претставува значајна поддршка од ЕУ за културата, со буџетот на ниво на ЕУ од 2,44 милијарди евра“, посочи Маричиќ.

Тој подвлече дека целта е да се даде посилен акцент на транснационалното творење и на иновациите, полесен пристап до финансирање од повисоки нивоа на „Креативна Европа“ за проекти, шема за мобилност за уметници и професионалци и акции кои се насочени кон потребите на специфични креативни сектори, како што е музиката, архитектура и културно наследство.

„Идната соработка во културата е веќе дефинирана во Договорот за соработка што денеска го потпишуваме. Оттука со овој договор и можностите за финансирање имаме солидна основа за приближување до нашата заедничка цел. Да ги искористиме фондовите на ЕУ за Отворениот балкански регион за да ги подобриме врските и односите на нашите граѓани преку културата и уметноста како наш придонес во културно богатата и диверзифицирана Европа, вклучително и славејќи го нашето културно наследство и она што е поважно за нашата иднина“, рече Маричиќ на почетокот на сесијата на која дебатираа ресорните министри на Владите на Северна Македонија, на Албанија и на Србија и на која присуствуваа директори на културни установи, културни оператори и работници, филмски и театарски претставници, културни друштва, продуценти и младински претставници.

На пленарната сесија со фокус на соработката во областа на културата, се обратија и министерката за култура на Северна Македонија Бисера Костадинова-Стојчевска, Елва Маргарити, министерка за култура на Албанија и Маја Гојковиќ, вицепремиерка и министерка за култура и информирање на Србија.

Министерката Костадинова – Стојчевска во своето обраќање се фокусираше на потребата од поттикнување на културната соработка во областа на уметноста и културата, како и ангажираноста на уметниците во Западен Балкан.

„Отворен Балкан е добра вест и за културата. Препознавајќи ја суровоста особено на малите пазари, културата мора да биде заштитено добро. Тоа е основната цел и на Меморандумот за соработка што денеска ќе го потпишеме со моите почитувани колешки од Албанија и Србија. Оваа иницијатива, „Отворен Балкан“ е всушност широко отворен простор и за културата и за уметноста“, рече министерката Костадинова – Стојчевска.

Таа додаде дека „Отворен Балкан“ има за цел да ја олесни и да ја збогати нашата соработка на сите полиња, подвлекувајќи дека културата одамна го има пробиено тој пат и со својата упорност и бројните признанија самата се избори за високото место на агендата на оваа регионална иницијатива.

„Културата мора да ја помогнеме во нејзината мобилност, во отворање на заеднички фондови, размена на информации и искуства, заеднички настапи, да внесеме иновативност и да ги обединиме нашите потенцијали.

„Отворен Балкан“ не одзема ништо од никого. Напротив. Создава додадена вредност на нашите културни и уметнички вредности“, посочи министерката за култура во Владата на Република Северна Македонија.

Министерката за култура на Албанија, посочи дека културата е сама по себе мост и именител, која ги поврзува сите земји од регионот.

„Сите заедно имаме можност да ја зајакнеме нашата поврзаност во секторот на креативните индустрии. И фактор дека културата се става на чело на овие регионални иницијативи се поврзуваат меѓу себе ставајќи ги во центарот на вниманието, луѓето и заедниците, а не само уметниците“, подвлече министерката Маргарити, подвлекувајќи дека ова е и суштината на Меморандумот за соработка кој се потпишува денеска, а која го поттикнува и економскиот потенцијал на земјите од регионот.

Српската вицепремиерката и министерка за култура Гојковиќ истакна дека „Отворен Балкан“ е регионална иницијатива која во краток рок ја покажа својата вредност и ја оправда идејата-водилка на лидерите на држави кои ја иницираа, затоа што тоа го подобрува животот на граѓаните и придонесува за остварување на европските интеграции на земјите

„Ова е право време во иницијативата активно да се вклучи и културата, како област која ги зближува поединците и општествата. Културата отсекогаш е најдобар мост за разбирање на различностите и афирмација на различностите. И затоа од голема важност е тоа што по другите области од денеска и културата ќе дава силно и препознатливо поттикнување на пријателските односи на земјите кои ја поддржуваат оваа Иницијатива“, порача министерката за култура на Република Србија.

Министерките на лидерите на иницијативата Отворен Балкан споменаа и конкретни области на соработка во областа на театарската и филмска уметност, како и интернет платформите.

На панел-сесијата, на која земаа учество и културни работници кои споделија свои позитивни искуства за соработка меѓу земјите од регионот, предлагајќи и конкретни идеи за во иднина, беше заклучено дека Меморандумот за соработка кој ќе биде потпишан денеска, ќе даде рамка за соработка и промоција на разновидноста на културите и творештвата на земјите и ќе придонесе за доближување на уметничките достигнувања пред сè до помладата публика.