Самитот на „Отворен Балкан“, кој се одржа во Охрид и чиј домаќин беше премиерот Димитар Ковачевски, заврши успешно и резултираше со потпишани договори, кои се со конкретни позитивни придобивки за граѓаните од регионот во сферата на туризмот, културата, во соработката на даночните администрации на земјите од иницијативата.
Премиерот Ковачевски на завршната церемонија, на ручекот приреден за лидерите, учесниците и гостите на самитот, им се заблагодари на претседателот на Србија Александар Вучиќ и на албанскиот премиер Еди Рама, како оперативни тимови, за целосната посветеност и ангажираност во реализацијата на сите активности кои произлегоа во подготвителниот период пред организирањето на самитот „Отворен Балкан“ во Охрид.
Ковачевски им се заблагодари на премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ и на Зоран Тегелтија, претседавач на министерскиот совет на Босна и Херцеговина, кои како гости пристигнаа во Охрид, и изрази надеж дека иницијативата наскоро ќе се прошири и со останатите земји од регионот.
Премиерот Ковачевски го поздрави и присуството на комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија Оливер Вархеји, како видео обраќањето на Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар на Соединетите Американски Држави и специјален пратеник за Западен Балкан.
Исто така, Премиерот го подвлече и учеството на деловните, бизнис заедници од регионот, кои ги прифатија сите иницијативи и со безрезервна поддршка учествуваа во креирањето на политиките за олеснување на соработката и регионалното поврзување, за слободен проток на патници, стока, капитал и услуги, како основа за поголем развој на економиите.
„Вратите на Отворен Балкан остануваат отворени. Добредојдени сте во секој момент. Да си честитаме за успешно реализираниот самит во Охрид. Да се видиме наскоро со истата енергија и со нови идеи и проекти за унапредување на нашата соработка. Да продолжиме да го градиме новиот лик на Балканот. Балкан на 21 век. Балкан на соработка, разбирање и прогрес“, истакна премиерот Ковачевски во завршната здравица, со која успешно беше завршен самитот на „Отворен Балкан“ во Охрид.
Во оваа прилика, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески на премиерот Ковачевски, на претседателот на Србија Александар Вучиќ, на претседателот на Владата на Албанија Еди Рама, и на поранешниот премиер на Република Северна Македонија Зоран Заев, им го врачи признанието „Голема плакета во чест на одбележување на 100 години од формирањето на Стопанската комора“, која комората им ја доделува за посебен придонес за регионална бизнис интеграција.
На самитот „Отворен Балкан“ во Охрид беа потпишани Договор за соработка на Западен Балкан во полето на взаемно признавање на дипломи и научни титули издадени во високообразовните институции и други овластени институции, Меморандумот за разбирање и соработка во областа на туризмот, Меморандум за соработка во културата и Меморандумот за разбирање и соработка на даночните администрации меѓу земјите од регионот.
На потпишувањето на документите од трите држави-иницијатори на „Отворен Балкан“, во рамки на самитот во Охрид, претходеа неколку панел сесии, на кои се обратија лидерите, претставници на меѓународната заедница, на стопански комори и на разни други институции, на кои беше истакнато дека земјите од Западен Балкан се тесно поврзани и дека нивната соработка е поттик за унапредување на регионалната соработка и за напредок на секоја земја одделно.
На Самитот на иницијативата „Отворен Балкан“ во Охрид беше договорена брза реализација на договореното и развивање нови проекти за олеснување на животот на народите од регионот, кои ќе бидат утврдени на идните работни средби во Белград и Тирана.