Грковска на панел со младински организации од Гостивар: Интегритетот е клучен принцип во градењето на демократско и просперитетно општество

Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска беше домаќин на отворен панел на тема „Што претставува интегритетот за еден млад човек?“, што се одржа во Младинскиот ресурсен центар „Ајкен“ во Гостивар.

Вицепремиерката Грковска на панел дискусијата, на која учествуваа средношколци и студенти од Полошкиот регион, ја истакна важноста на интегритетот како клучен принцип во градењето на демократско и просперитетно општество, општество кое нуди еднакви можности за сите. 

„Интегритетот мора да биде дел од карактерот на секој млад човек“, нагласи Грковска. Тоа се учи од мали нозе и затоа на негово јакнење мора да работат сите заедно, низ целиот училишен процес.

„Промените во општеството зависат од мене и од тебе. Секој од нас, со нашето однесување може да направи промени. Тоа можеби ќе биде прво на микро ниво, во нашето семејство, кај нашите пријатели. Но само ако ја шириме пораката, ако покажеме пример како треба да се однесуваме, така ќе влијаеме на другите. Вие сте иднината на нашата држава и се што работиме и ние како Влада, но и сите останати субјекти во општествoто го правиме за вас и секако заедно со вас. И затоа интегритетот е прашање за кое мора отворено да зборуваме и кое треба да го градиме и унапредуваме постојано“, потенцираше вицеремиерката на отворениот панел.
 
Грковска нагласи дека нејзинот кабинет ги координира активностите кои треба да овозможат дигитална трансформација на општеството, која пак е клучна за младите зашто тие технолошки се многу понапред.

„Дигиталната трансформација на општеството е предуслов и за поголема транспарентност, отчетност и одговорност на институциите. Ние како држава мора да ги зајакнеме капацитетите во делот на одговорноста и отчетноста. Секоја одлука на институциите, секој потрошен денар мора да бидат објавени јавно и за тоа да има отчетност. На тој начин ја зајакнуваме контролата од страна на јавноста, граѓанските организации, медиумите на државните институции“, потенцираше Грковска.
 
На панел сесиите учествуваа и Азир Алиу, координатор на МРЦ Ајкен, Мариана Ангелова, претставник на младинска организација НМСМ, Филип Костадиновски, успешен млад претприемач, творец на неколку иновативни бизнис идеи.

Отворениот панел беше организиран од Кабинетот задолжен за политики за добро владеење, во соработка со УНДП.