Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денес беше во посета на општина Крушево, каде оствари средба со градоначалникот Томе Христоски и со заменик градоначалникот на општина Елбасан, Албанија, Артур Куни, корисници на Програмата „Прекугранична соработка Република Северна Македонија – Република Албанија, Инструмент за пред пристапна поддршка (ИПА 2), 2018 – 2020.
Соработката помеѓу општините Крушево и Елбасан е одличен пример за успешна прекугранична соработка преку реализирани ЕУ проекти кои даваат европска вредноста на регионот. Крушево е важна точка на нашата туристичка карта во која мора да продолжиме да вложуваме и да го искористиме потенцијалот кој го поседува за развој на туризмот, рече Маричиќ на состанокот.
Градоначалниците разменија искуства во реализацијата на ИПА проектите и вредноста која тие ја имаат за развојот на општините, особено во полето на туризмот и посочија дека ќе продолжат да соработуваат и во други области иако туризмот останува нивна примарна цел, искористувајќи ги рационално развојните фондови на ЕУ кои ни се достапни.
Во продолжение на посетата, вицепремиерот Маричиќ учествуваше и на работилница организирана во рамки на проектот на која македонски и албански туристички и маркетинг експерти подготвуваат ,,Стратешки документ за промоција на Крушево и Елбасан како единствена туристичка дестинација“.
Во рамки на проектот „Крушево и Елбасан – признаена прекугранична туристичка дестинација“, општина Крушево ќе добие објект на полетувалиштето на Мечкин Камен, за потребите на организација на меѓународни и Светски првенства во параглајдинг.
Местото го посети вицепремиерот Маричиќ заедно со градоначалниците каде дополнително ќе се постават две мерни станици, ќе се изградат две „даунхил“ патеки (планински велосипедизам) и ќе се постави ЛЕД осветлување околу објектите од културата.
Целосниот проект вреден 700 000 евра, европски средства, ќе ја збогати туристичката понуда на Крушево и ќе го направи европскиот пат појасен за граѓаните преку зајакнување на видливоста на ИПА фондовите, смета Националниот ИПА координатор, вицепремиерот Маричиќ и повика на целосно искористување на ИПА средствата и уште поинтензивно работење во реализација на ИПА проектите, што покажува дека Република Северна Македонија решително и забрзано чекори на европскиот пат.