Дигиталната трансформација на општеството, технолошкиот напредок, но и геостратешките предизвици во Европа и во светот наметнуваат целосно нов пристап во безбедносниот систем, во кој сајбер безбедноста има многу важна улога. Сајбер безбедноста е стратешко прашање, за кое секоја држава, мора да има координиран пристап, и на домашен и на меѓународен план. Ова беше потенцирано на денешниот состанок што заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска го имаше со Герт Ауварт, директор за сајбер безбедност во Агенцијата за информациски системи во Талин, Естонија.
Двајцата соговорници разговараа за можноста за продлабочување на соработката на двете земји, особено во делот на сајбер безбедноста, со оглед на тоа што Естонија е лидер во светот во дигитална трансформација на општеството и обезбедување на сигурен и безбеден систем.
Вицепремиерката Грковска нагласи дека во услови на безбедносна криза, предизвикана од агресијата на Русија врз Украина, сите држави, вклучително и Република Северна Македонија се соочуваат со потребата да обезбедат дигитална безбедност, со цел системските процеси да не бидат нарушени.
Нејзиниот соговорник Ауварт го потенцираше значењето од создавање на ефикасни ИТ – агенции, кои ќе бидат составени од искусни информатички експерти, кои ќе се грижат за дигиталните процеси во државните институции.
„Овој модел во Естонија се покажа за многу ефикасен и обезбеди задржување и мотивирање на ИТ-инженерите да работат за државните институции“, оцени Ауварт.
Вицепремиерката Грковска додаде дека Република Северна Македонија мора да преземе конкретни чекори со цел да ги задржи ИТ-експертите во земјата и нагласи дека естонскиот модел може да биде добар пример за тоа.
Во рамките на дводневната работна посета на Талин, Естонија вицепремиерката Грковска денеска имаше средба и со Клен Јаартс, директор за европски прашања во естонската Влада.
На состанокот Грковска ја реафирмираше определбата на Република Северна Македонија да ги почне пристапните преговори за членство со Европската Унија. Сепак, додаде таа, условите кои ги наметнува Бугарија, како земја членка на Европската Унија, и покрај сериозните и тешки одлуки што Северна Македонија ги донесе изминатиов период, го отежнуваат патот и го намалуваат оптимизмот кај македонските граѓани.
Јаартс ја искажа безусловната поддршка од страна на Естонија кон Северна Македонија за почеток на пристапните преговори, оценувајќи дека чепкањето по историјата никому нема да му донесе добро, додавајќи дека тоа важи за цела Европа.
Вицепремиерката Грковска, во рамките на дводневната посета на Талин, Естонија ќе учествува на Форумот за дигитална безбедност на Западен Балкан, на кој ќе учествува и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, министерот за претприемништво и информациска технологија на Естонија, Андрес Сут, македонскиот министер за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, како и повеќе експерти од областа од Западен Балкан и Европската Унија.
Вицепремиерката Грковска ќе го посети и НАТО центарот за кооперативна сајбер одбрана во Талин, кој им дава интердисциплинарна поддршка на земјите членки на НАТО, како и експертиза во делот на сајбер одбраната, тренинзи и вежби во областа на технологијата, стратегијата и законодавството.