Пуштени во употреба две нови лаборатории на Факултетот за фармација

Премиерот Никола Груевски, заедно со министрите за образование и наука и за здравство, Панче Кралев и Никола Тодоров, денеска пушти во употреба две нови лаборатории на Факултетот за фармација во Скопје.

Во едната, чија вкупна вредност е 1,7 милиони евра, се испитува квалитетот на лековите и колку активна супстанца содржи секој од тие лекови, согласно пропишаното, односно согласно она што го има декларирано фабриката производител.

- Ваков апарат досега немаше во Република Македонија. Примероците се испраќаа во други држави, а за тоа годишно Македонија плаќаше меѓу 1,5 до два милиона евра. Набавката на овие две лаборатории веројатно ќе се исплати за помалку од една година. Сега сите производители и секој оној кој по закон е обврзан да доставува примерок за испитување на квалитетот и содржајноста на супстанцата, тоа ќе го прави тука, во Македонија, рече Груевски.

Со овој апарат, додаде, освен што се контролира квалитетот на лековите, се следи и квалитетот на различните билки, колку тие содржат резидуи од концентратот пестициди, што е законска обврска, но и стандард кој се бара од меѓународните асоцијации за производство на различни лековити супстанци. Овој апарат нуди и многу други можности, како што е испитувањето на радиоактивност на флашираната вода за пиење.

- Како Влада инвестираме во сите области и во економијата и во земјоделството и во образованието, здравството, туризмот,... За разлика од минатото кога практично во ништо не се инвестирало, сега во сите области гледаме да има одредени инвестиции. Некои повеќе ја ценат инвестицијата во една област, други во друга, зависи кој во кој сектор се наоѓа, меѓутоа како Владата дури и во овие тешки времиња на европска должничка криза наоѓаме начин да не застанеме и да ги продолжиме инвестициите во сите области во кои цениме дека е најмногу потребно и да не застанет проектите кои ги зпаочнавме, изјави Груевски.

Втората, фармакогенетска лабораторија за биомолекуларни фармацевстки анализи, ги открива специфичните подтипови на болеста, токсичните ефекти и овозможува дијагностика. Доколку се дијагностицира канцер, се утврдува специфичниот подтип на болеста и хемотерапијата која треба да се употреби за лекување. Ако, пак, се открие бактерија, се утврдува нејзиниот тип и терапијата што треба да се прими за да има ефект.