Преку проектот „Запознај ја Преспа“ уметниците од Северна Македонија, Грција и Албанија за првпат во историјата се дружеа со публиката на еден пријателски и креативен начин на плажата „Дупени“ и во селото Брајчино во Преспа преку бројни културни и гастрономски содржини, вели министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска на манифестацијата поддржана од министерството за култура. На настанот беа присутни и заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, евроамбасадорот Дејвид Гир, италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри и унгарскиот амбасадор Ласло Дукс.
„Овој проект на народите на трите земји им понуди база за поинтензивна соработка, за отворање на границите и на патиштата. Понуди широко заживување на мисијата на Преспанскиот договор, во нешто што значи суштина на живеењето на граѓаните на Грција, Албанија и Северна Македонија. Токму овде, на оваа тромеѓа Преспа и Преспанското Езеро се на мапата на значајни историски настани на 21 век“, рече министерката за култура.
Како што нагласи Костадиновска-Стојчевска, овој проект е природно произлезен од Преспанскиот договор и ја поздрави благородната идеја, преку оваа манифестација, Преспа да се развива, да ги обединува младите од регионот, и да расте во центар кој ќе зборува за дијалог, за разбирање, за надминување на бариерите.
Сите сме свесни, дека во трите држави одделно Преспанскиот регион беше запоставен во планското развивање, но сега, по историското значење на Преспанскиот договор, треба да се искористи потенцијалот што Преспа го има, и токму овде да заживее една ваква манифестација која ќе ги обедини пред се младите, додаде Костадиновска-Стојчевска.
На фестивалот „Запознај ја Преспа“ настапија познати диџеи од трите земји кои ги делат водите на Преспанското Езеро, а во селото Брајчино, посетителите имаа можност да уживаат во традиционалните рецепти на жителите од овој регион од трите земји. Организатори на фестивалот беа невладината организација „Преспа ГРАД“ и Општина Ресен, со финансиска поддршка од два милиони денари на Министерството за култура.