Економскиот совет расправаше за тековните проекти од сферата на привлекување инвестиции
Во Владата на Република Македонија денеска (вторник, 1 мај 2012 година) се одржува редовна седница на Економскиот совет со која претседава претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски.
Во досегашниот дел од седницата се расправаше за повеќе тековни проекти од сферата на привлекување инвестиции и изградба на инфраструктура.
Економскиот совет ја разгледуваше информацијата за постапката за продажба на акциите на Република Македонија и на Фондот за ПИОМ во ОХИС АД Скопје, Тутунски Комбинат АД Прилеп, ЕМО Охрид и 11 Октомври Еурокомпозит АД Прилеп, при што советот расправаше и за интересот кај одредени потенцијални странски инвеститори за влез во овие компании.
На седницата стана збор и за процедурата која што ја спроведува Министерството за образование и наука за изградба на три нови студентски домови со јавно-приватно партнерство на локации во Скопје, Тетово и Штип, а воедно Економскиот совет се информираше и за состојбите во ДПТУ Сумбро Трејд ДООЕЛ Самоков, која се очекува да започне со производство во следните неколку месеци.
Економскиот совет ги разгледуваше и информациите за прогресот на активностите за проектот Гасификација, како и за проектот за изградба на железничка пруга на Коридор 8 кон Република Бугарија.
Во вториот дел од седницата на Економскиот совет се очекува да се расправа за повеќе предлог мерки и активности за подобрување на функционирањето на пазарот на труд, за што јавноста дополнително ќе биде информирана.