Тренчевска: Новата апликација Bebbo нуди практични совети за правилен развој на децата

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска присуствуваше на промоција на новата мобилна апликација Bebbo, развиена од УНИЦЕФ , во соработка на Министерството за здравство, Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика и поддршка на Европската Унија.

Апликацијата Bebbo содржи многубројни информации и стручни совети, интерактивни алатки за правилен развој на детето, но и совети за тоа како родителите да се грижат за себе. Таа е бесплатна и лесна за симнување и користење, работи без интернет и е достапна на македонски и албански јазик.

Министерката Тренчевска посочи дека апликација Bebbo, во голем дел се надоврзува на заложбите на Министерството за труд и социјална политика, во зајакнувањето на капацитетите и вештините на стручниот кадар и на самите родители за позитивно родителство, имајќи го предвид  значењето на односот на  родителите и стручниот кадар во градинките во развојот на една личност и колку вештините со кои ќе се стекнат децата на возраст од 0-6 години ќе влијаат на нивниот понатамошен развој.

Таа се осврна на истражувањата кои упатуваат на високи 73 отсто од децата на возраст од 1 до 14 години кои искусиле барем еден насилен метод на дисциплина. Само 13 отсто од родителите или старателите се свесни за програмите или материјалите за родителство, додека 14 отсто од родителите или старателите изјавиле дека веруваат дека физичкото казнување може ефективно да го поправи однесувањето на детето. Таа потенцираше дека овие податоци се загрижувачки и сугерираат дека на родителите им треба поддршка за подобро да ги разберат правата на децата и нивната вредност во семејниот живот.

„Децата сведоци на насилство или жртви на насилство,  понатаму во животот најчесто стануваат и самите насилници, поради тоа што не препознаваат што е добро, а што лошо. Што е решавање на еден проблем на демократски начин и решавање на проблем преку дијалог и дискусија внатре во семејството,“  рече Тренчевска.

Таа посочи дека, поддршка особено им е потребна на родителите и децата кои живеат во сиромаштија, деца Роми, деца со попреченост и деца кои се особено ранливи на експлоатација, злоупотреба и одвојување на семејството.

Согласно Конвенцијата за правата на детето, државите имаат обврска да обезбедат поддршка за родителите и да им пружат соодветна помош во извршувањето на нивните обврски за воспитувањето на нивните деца. Државите имаат обврска да обезбедат развој на услуги за грижа за деца.

Министерката Тренчевска изрази благодарност до УНИЦЕФ како долгогодишни партнери во политиките кои значат унапредување на предучилишното воспитание. Таа се осврна на подготовката на Националната стратегија за родителство, која заеднички институциите во соработка со УНИЦЕФ и граѓанските организации  ја подготвуваат.

Стратегијата е насочена кон менување на размислувањата на родителите, семејствата и заедниците за промовирање на позитивна семејна средина во која децата и младите ќе можат да растат и да напредуваат, а истовремено ја поттикнува меѓусекторската соработка на службите, како начин за вклучување со семејствата, градење на нивната отпорност и нивно зајакнување. А преку нагласување на улогата на татковците/дедовците во воспитувањето и развојот на децата, ја унапредува  родовата еднаквост во семејството.