Генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија, Методија Димовски, заедно со соработници во Секторот за информатичка технологија и во Кабинетот на вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, денеска, со претставници на „Мајкрософт“ за Северна Македонија и Косово и на нивниот тренинг партнер, едукацискиот центар „Семос Едукација“, разговараше за успешно завршениот дел од проектот ESI (Enterprise Skills Initiative), глобална кампања која се одвиваше и целосно се финансираше од „Мајкрософт“.
На средбата беше изразено задоволство од успешно реализираната обука на 152 вработени од 22 државни институции, кои преку онлајн комуникација се одвиваше три месеци.
Административните службеници, претежно од Секторите за информатички и комуникациски технологии се здобија со сертификат за успешно завршен „Microsoft cloud “курс, со можност за искористување на други обуки, како подготовка за полагање на сертифициран испит во втора фаза.
На денешниот состанок, генералниот секретар Димовски ја истакна потребата од интензивирање на дигитализацијата, како единствен услов за подигање и успешно спроведување општите работни компетенции и задачи на административните службеници, со единствена цел за овозможување на соодветни и квалитетни услуги на граѓаните, на бизнисите и општата продуктивност.
Учесниците на состанокот, разговараа за неопходноста од вклучување на технолошки решенија, кои овозможуваат подобрување на пристапноста на услугите до граѓаните, обезбедување на инклузивни, достапни платформи, истовремено обезбедувајќи доверливост на јавната администрација преку имплементирање на највисоките стандарди за безбедност и усогласеност.
На состанокот, обете страни ја истакнаа потребата од понатамошна соработка, при што беше изразена волја за истото и беше заклучено дека дигиталната трансформација и усовршувањето на администрацијата овозможува прилагодување на современите услови на работење.
Исто така, беше истакната потребата од усовршување и стекнување на нови технолошки знаења и практични вештини потребни за работа, раководење, управување и организациско однесување според високо прифатените регулативи и стандарди на вработените во државните институции, успешно унапредување на основите за дигитализацијата на процесите и овозможување на ефикасно, транспарентно функционирање на институциите.