Средба на министерот Бесими со евроамбасадорот Орав
Министерот за одбрана на Република Македонија, Фатмир Бесими, денеска оствари средба со шефот на делегацијата на Европската Унија во Република Македонија, амбасадорот Аиво Орав.
На средбата, соопшти денеска Министерството за одбрана, станало збор за повеќе значајни прашања од областа на одбраната и безбедноста, меѓу кои и фактот дека Република Македонија во краток период од корисник прерасна во придонесувач кон зачувување и развивање на демократијата и мирот.
Министерот Бесими потенцирал дека Република Македонија останува посветена на својот ангажман во рамки на операцијата „Алтеа“ во Босна и Херцеговина.
Во периодот од јули 2006 до јули 2008 година, Република Македонија во операцијата „Алтеа“ придонесуваше со хеликоптерски детачмент, додека во моментов учествува со медицински тим за РОЛЕ-1 – медицинска поддршка за кампот во Бутмир (10 лица) и едно лице помошник-правен советник во Командата на ЕУФОР во БиХ, односно со вкупно 11 лица.
На средбата било нагласено и вклучувањето на Република Македонија во Концептот ЕУ БГ, со придонес во борбената група ЕУБГИИ/2012 предводена од СР Германија, која ќе биде ставена на располагање на ЕУ во втората половина на 2012 година.
Министерот Бесими го информирал амбасадорот Орав за континуираниот тек на реформскиот процес во областа на одбраната, потенцирајќи го и значењето на евроатлантското интегрирање на Република Македонија, но и на регионот во целина.
- Со членството во евроатлантските структури можеме да креираме стабилен регион кој ќе овозможи забрзан економски раст и подобар живот за сите граѓани, истакнал министерот Бесими.
Министерот Бесими, соопшти МО, посочил дека постои потреба од почести средби на министрите за одбрана на земјите-кандидати за членство во ЕУ со високиот претставник на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика, Кетрин Ештон, во насока на редовно информирање за иницијативите и случувањата во доменот на заедничката надворешна и безбедносна политика и, воедно, антиципирање на идните можности за соработка и тоа поголема вклученост во иницијативите за здружување и споделување на капацитетите.