„Рударите се наш бесценет човечки ресурс. Рударството е основна гранка за индустриски развој на државата, а следејќи ги актуелните случувања во светот, оваа индустрија ќе стане основен фактор за опстанок и развој. Северна Македонија има непроценливо природно богатство и затоа треба со особено внимание да се грижиме за наоѓалиштата на минерални суровини кај нас“, кажа министерот за економија Крешник Бектеши во своето обраќање на свеченоста по повод Денот на рударите во РЕК Битола.
Министерот потенцираше дека оваа година вниманието на Министерството за економија, како и на владата е насочено кон спречување и надминување на енергетската криза која ја зафати цел Европа па и Светот и „Сигурноста во снабдувањето со енергија денес претставува основен универзален услов за стопански развој на една земја или регион. Според степенот на користење на енергијата може да се согледа нивото на економска, технолошка и културна подготвеност на секоја средина“ кажа министерот Бектеши.
Министерот нотираше дека во изминатиов период се соочивме со сериозни предизвици во секторот рударство особено од аспект на заштита на животната средина, што резултираше со законски измени со кои значително се зајакнува контролата над работата на концесионерите, но од друга страна пак се олеснува патот за компаниите кои сакаат да вложат во оваа индустрија и истовремено да ги почитуваат и применуваат највисоките стандарди за работа, овозможувајќи безбедност при работа на рударите кои се изложени на највисок ризик при работењето.
„Министерството за економија со несмалено темпо ќе ги продолжи планираните активности во секторот рударство, обрнувајќи посебно внимание на овој економски сегмент во насока на одржлив раст и развој, остварувајќи партнерски однос со човечкиот потенцијал кој работи во овој значаен економски сектор“ кажа Бектеши.
Генералниот директор и претседател на УО на на АД Електрани на Северна Македонија-ЕСМ, м-р Васко Ковачевски, во своето обраќање истакна дека една грејна сезона успешно е зад нас, но следува уште една, нова, потешка, по сите предвидувања можеби најтешка во последните 70 години во Европа.
„Изминатата грејна сезона покажа дека со силен ангажман на сите, почнувајќи од вработените, раководителите, директорите, менаџментот, сите заедно, можеме да ги пребродиме сите кризи. Јагленот е основата на производството на електрична енергија од АД ЕСМ и значењето на рударите за нашиот систем дојде до целосен израз во условите на енергетската криза, кога се води засилен процес што повеќе јаглен да се ископа и истиот да се донесе до термоелектраната, каде што исто така вработените вложуваат максимални напори системот да работи со целосна снага и да се држи функционален. РЕК Битола останува основата на електро-енергетскиот систем на нашата држава. Наша цел како компанија е во иднина повеќе да вложуваме и тоа и го правиме: и во постоечките, но и во нови производни капацитети, кажа Ковачевски.
Директорот додаде дека вложуваат и ќе вложуваат и понатаму во обновливи извори на енергија, што е согласно со државната енергетска стратегија.
„Но вложуваме и во одржување на другите електрани, посебно во РЕК Битола, од причини што во овие услови без енергија од термоелектрани е невозможно да се одржи стабилен и сигурен енергетски систем“ кажа Ковачевски.