Груевски: Независно од победникот на изборите во Грција ќе продолжиме со добри политики

Македонија ќе продолжи да гради добри политики  со  Грција и независно од опцијата која ќе победи на изборите  ќе се обидеме да ги придвижиме работите  кон подобро и кон решение на прашањето за  името.

Тоа го истакна денеска премиерот Никола Груевски,  зборувајќи за очекувањата на регионален план  и градењето добрососедски политики по изборите во Србија и во Грција.

Според Груевски, треба да победат тие за кои граѓаните  на државите во кои се гласа  ќе оценат дека моментно се најдобра опција. Кого и да изберат граѓаните, најави, ќе се обидеме и понатаму да  имаме добри односи со нив  и да градиме добри политики.

- Особено овде станува збор за Грција бидејќи имаме сериозен проблем со нив, со прашањето  кое не оптоварува и блокира 21 година.  Посебно со таа држава  кој и да дојде на власт ќе се обидеме да ги придвижиме работите  кон подобро и кон решение на  прашањето кое  ги оптоварува и двете земји, се разбира  нас повеќе затоа што ние сме блокирани, но се разбира не и е сеисто и на Грција  да носи таков товар пред Европа и светот со години наназад, изјави Груевски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Геронтолошкиот завод во Скопје.