Премиерот Ковачевски ги посети македонските штандови за вино: Македонските вина со огромна промоција, можности за развој и нови пласмани

Во рамки на првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска Визија на Отворен Балкан“, кој во следните четири дена се одржува во Белград под покровителство на Република Северна Македонија, Република Србија и Република Албанија, македонските компании за храна и вино ќе ги презентираат своите производи и традиции.

Премиерот Ковачевски денеска на официјалното отворање на Саемот ги посети штандовите на македонските компании производители на вино и храна, каде што компаниите го информираа за своите производи, технологии на производство, состојбата со пласманот и извозот. Компаниите посочија дека овој Саем ќе им овозможи проширување на деловната соработка, поголем пласман и извоз на производите, што крајно позитивно ќе влијае врз вкупната економија.   

Северна Македонија на Саемот се преставува со вкупно 42 винарии и 3 дестилерии кои пред посетителите додека трае Саемот ќе презентираат повеќе од 300 различни типови македонски вина и ракии. Премиерот Ковачевски ги посети штандовите на македонските винарии, како и штандовите на малите семејни винарии кои своите вина ги преставија на Саемот.

Саемот „Винска Визија на Отворен Балкан“ покрај промоција на храна и вино, е можност за промоција на националните богатства и туристички дестинации на Северна Македонија преставени преку посебен штанд на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Особен фокус е ставен на македонскиот туризам базиран на вино и храна, националните паркови, природните и вештачките езера, заштитените подрачја од УНЕСКО, руралниот туризам и адреналинскиот туризам.

Премиерот Ковачевски денеска заедно со претседателот Вучиќ, премиерот Рама и државните делегации на трите држави, го посетија заедничкиот штанд на Агенциите за промоција и поддршка на туризмот, каде што освен нашите туристички дестинации посетителите имаат можност да видат и дел од македонскиот традиционално изработен накит од бисер и филигран.