Заклучоци од вториот Пристапен дијалог на високо ниво Република Македонија - ЕУ

1. Премиерот Груевски и Комесарот Филе претседаваа со вториот Пристапен дијалог на високо ниво (ПДВН) одржан на 7 мај 2012 година. За време на разговорите беше заклучено дека Пристапниот дијалог дава значајна поддршка за пристапниот процес на земјата фокусирајќи се на реформите во клучните приоритетни области. Наредниот Пристапен дијалог ќе се одржи во септември во пресрет на објавувањето на Извештајот за напредокот на Комисијата во октомври.

2. Комисијата го поздрави усвојувањето на Оперативниот патоказ за исполнување на  реформските цели утврдени во петте приоритетни области од страна на Владата. Со Патоказот се адресираат овие цели преку дефинирање на  конкретни мерки, одредување  на  временска рамка и вклучување на одредени финансиски алокации. Сега е важно овие активности да се спроведат. Патоказот е динамичен процес и во јуни ќе се подготви преглед на резултатите од спроведувањето на активностите.

3. Владата развива мерки за понатамошна заштита на слободата на изразување во медиумите. Инклузивниот дијалог со професионалното здружение ќе се води во однос на декриминализацијата на клеветата како и за зајакнување на професионалните стандарди во новинарството. Одлуката на Советот за радиодифузија што се однесува на судирот на интереси и незаконската концентрација претставува чекор напред.

4. Владата е посветена на постигнување на сеопфатни изборни реформи, на линија на препораките на ОДИХР и ГРЕКО, до септември 2012 година.

5. Владата, исто така, и понатаму е посветена на зајакнување на меѓуетничките односи, посебно преку подготовка на сеопфатен преглед на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор до јуни 2012 година.

6. Во однос на владеењето на правото, земјата учествуваше како набљудувач на скринингот за поглавјата 23 и 24 одржан во март во Брисел. Професионалноста на судството ќе биде зајакната со измена на Законот за судовите со што ќе се забрза имплементацијата на новите професионални стандарди за избор на судии во повисоките судови. Правните одредби за дисциплинските постапки и отпуштања ќе бидат прегледани со цел натамошно зајакнување на независноста на правосудството. Во однос на борбата против корупцијата, законодавството за конфликт на интереси беше зајакнато. Резултатите во борбата против корупцијата ќе бидат поблиску следени. Подготовките за значајни реформи во јавната администрација се напреднати. Со новиот Закон за администрација ќе се консолидира професионалноста на јавната администрација.

7. Што се однесува на зајакнувањето на пазарната економија, ќе се преземат низа мерки, особено преку цврсти среднорочни макро-фискални стратегии и зајакнати институционални правни рамки за подобро функционирање на пазарите. Предизвиците на пазарот на трудот, меѓу другото, ќе се адресираат преку активни мерки со цел да се постигне инклузивен  и ефективен пазар на трудот, и стратешка студија за основните причини за невработеноста. Вработувањето на младите ќе се адресира преку образованието, стручните обуки и други програми.

8. Владата и Комисијата ја потврдија нивната заложба за продолжување на Пристапниот дијалог на високо ниво, како еден сеопфатен и транспарентен процес. Собранието и Националниот совет за евро интеграции, како и другите национални засегнати страни, вклучувајќи го граѓанското општество, ќе бидат информирани и консултирани на редовна основа. Оперативниот патоказ е достапен за јавноста.