Од прес-конференцијата на портпаролите: Продолжува интензивната агенда за стабилно снабдување со енергенси; Заживува туристичката индустрија по пандемијата; Високиот индекс на отвореност ја рангира Владата како најтранспарентна во регионот

Портпаролите на Владата на Република Северна Македонија,  Муамет Хоџа и Душко Арсовски на денешната прес-конференција информираа за донесените одлуки и заклучоци од 82 – та седница на Владата и одговараа на прашања од интерес на јавноста и медиумите.

Како што беше информирано, Владата на вчерашната седница ги усвои заклучоците, мерките и препораките на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи. Согласно тоа, беше прифатен предлогот за продолжување на кризната состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можност за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија, до 30.4.2023 година. Воедно, беше прифатен и предлогот за продолжување на кризната состојба во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на Република Северна Македонија, до 30.4.2023 година.

Предлог-одлуките за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на целата територија на Република Северна Македонија, како што беше соопштено, ќе бидат доставени на разгледување и одлучување до Собранието.

На прес-конференцијата портпаролите информираа и за дополнителни мерки за поддршка на земјоделието како еден од приоритетите на Владата. Имено, на вчерашната седница Владата ги усвои измените и дополнувања на Програмата за спроведување на интервентен фонд за земјоделството и согласно новите финансиски средства ќе се имплементираат нови мерки.

Портпаролите истакнаа дека Владата продолжува со интензивната агенда поврзана со обезбедување стабилно снабдување со електрична енергија во период на глобален недостаток и високи берзански цени на енергенсите.

Тие информираа дека во духот на регионалната соработка, делегацијата предводена од премиерот Ковачевски, вчера во Атина договори соработка со Република Грција за справувањето со енергетската криза. Договорено е непречено снабдување со лигнит и јаглен од грчките рудници, со што ќе можат да бидат ставени во непречено функционирање производствените капацитети на јаглен во РЕК „Битола“ и во РЕК „Осломеј“. Постигнат е договор и за непречено снабдување со мазут преку Грција како и до сега, за да може непречено да функционира ТЕЦ „Неготино“, со што ќе се обезбеди снабдување на електрична енергија и од овој капацитет. Доколку се случи какво било ограничување на извозот од Грција, договорено е дека тоа нема да се однесува на извоз во Северна Македонија.

Оваа посета на владината делегација, како што беше наведено, беше искористена и за разговори за големи енергетски проекти како што е гасна централа и изградба на „ХЕЦ Чебрен“ за што има интерес од грчки инвеститори.

На прес-конференцијата портпаролите информираа дека согласно јавниот повик за избор на вршител на енергетска дејност регулирано производство на топлинска енергија, вршител на енергетска дејност дистрибуција на топлинска енергија и вршител на енергетска дејност снабдување со топлинска енергија, во Владата на Република Северна Македонија се одржа јавно отворање на понудите. Процесот го спроведе комисија составена од претставници на владини институции. Како што истакнаа на сите три повици се јавил по еден понудувач. 

За избор на вршител на енергетска дејност регулирано производство на топлинска енергија, се јавил „ЕСМ Производство на топлина ДООЕЛ Скопје“. За избор на вршител на енергетска дејност дистрибуција на топлинска енергија, пристигнала понуда од  „ЕСМ Дистрибуција на топлина ДООЕЛ Скопје“, а за избор на вршител на енергетска дејност снабдување со топлинска енергија, се јавил „ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје“. Откако ќе биде извршена евалуацијата на пристигнатите понуди, како што беше соопштено, Комисијата ќе достави предлог до Владата, што ќе биде разгледан на една од наредните седници.

На прес-конференцијата портпаролите информираа и за успешното враќање на туристичката индустрија во земјава по турбулентниот период предизвикан од пандемијата со КОВИД-19. Според последните статистички податоци, како што истакнаа, за седум месеци од годинава остварени  без малку 1.400.000 ноќевања, а со август ќе се надмине бројката од 2,1 милиони. Ова е доказ дека можеме да обезбедиме до 2,6 милиони ноќевања во 2022 година и повеќе од 400 милиони долари во македонската економија од туристичката индустрија. Во периодот јануари – јули годинава во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 53,3% и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 13,7%, кај странските зголемувањето е за 109,9%. 

Овие податоци, како што  беше информирано, се резултат од досега преземените мерки и политиката на владата за поддршка на туристичкиот сектор.

Владините портпароли споделија и една информација од областа на кадровската политика која се однесува на  разрешувањето на Иринка Сотирова- Бухова од должноста в.д. директор на „Државниот санитарен и здравствен инспекторат“.

Како што наведоа, за в.д директор на оваа институција Владата ја именува Рената Младеновска која доаѓа од „Центарот за јавно здравје, Скопје“.

На новинарското прашање околу барањата на бизнис секторот за справување со енергетската криза и субвенционирање на дел од струјата на бизнис компаниите, портпаролите посочија дека со ребалансот на буџетот за 2022 година, обезбедени се 76 милиони евра за нови антикризни мерки и дека се финализира  дизајнирањето на нов пакет антикризни мерки првенствено наменет за ранливите категории граѓани. 

Како што посочија, дел од мерките ќе бидат насочени кон стопанството и дека се очекува на наредните седници да се расправа и за ова.

Околу медиумскиот интерес во однос на цената на електричната енергија од Република Бугарија од 420 евра за мегават, беше информирано дека цената за мегават час сѐ уште не е утврдена и дека работните групи на двете влади интензивно работат на нејзино дефинирање. Конечната цел и на неодамнешната посета на владината делегација на Република Бугарија, како што посочија, беше да се добие цена  на електричната енергија под берзанската.

На прашањето како Владата  ја коментира анализата за нејзината транспарентност објавена вчера, портпаролите истакнаа дека тоа што регионалниот индекс на отвореност дава оценка за  најотворена влада во регионот со над 82% исполнетост на поставените критериуми за отвореност, е дополнителен мотив и обврска да се продолжи на тој пат.  Како што беше наведено, ова е втора потврда, за неполн месец, по годишно рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност на „Центарот за граѓански комуникации“ во кои Владата доби максимални 100% транспарентност.

Според овие показатели Северна Македонија е првата земја во нашиот регион која одлучи политиката на отвореност да ја направи преку посебна стратегија која има цел да ја подобри транспарентноста и довербата во работата на институциите.