Премиерот Ковачевски на првиот состанок на Европската политичка заедница во Прага посветен на енергетската и економската криза

Премиерот Димитар Ковачевски на покана на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и чешкиот премиер Петр Фиала на 06.10.2022 година (четврток) во Прага ќе учествува на првиот состанок на Европската политичка заедница заедно со лидерите од вкупно 44 земји, од кои 27 земји-членки на Европската Унија, земји од Западен Балкан, Швајцарија, Норвешка и Исланд, како и Азербејџан, Грузија, Турција и Украина. Учество е предвидено и на претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.

На првиот состанок на Европската политичка заедница во Прага премиерот Ковачевски ја предводи владината делегација во чиј состав се и министерот за надворешни работи Бујар Османи, како и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Програмата на настанот содржи пленарни дебати и дискусии на тркалезни маси поврзани со актуелни прашања за енергетската и економската криза, снабдувањето со енергија и енергенси, како и дискусии врзани со климатските предизвици, но и мирот и безбедноста во контекст на руската воена агресија врз Украина.

Премиерот Ковачевски ќе учествува на пленарна сесија заедно со министрите Османи и Николовски, а потоа со лидерите на европските земји на тркалезната маса, посветена за енергетика и економија. Дополнително предвидени се и билатерални средби.

За време на посетата на премиерот Ковачевски заедно со премиерот на Украина Денис Шмихал, ќе присуствува на потпишувањето на договори помеѓу Република Северна Македонија и Украина поврзани со слободната трговија и обезбедувањето храна. Договорите ќе ги потпишат министерот Николовски и заменик-министерот за економски развој на Украина, Тарас Качка.

Премиерот Ковачевски ќе учествува и на Самитот на Партијата на европски социјалисти (ПЕС) каде учествуваат премиери од редовите на социјалдемократски, социјалистички и демократски партии.

Европската политичка заедница е платформа за политичка координација за европските земји ширум континентот, чија цел е да ги собере лидерите од европските земји во духот на еднаквоста и единството еднаш до двапати годишно.

Домаќин на настаните ќе биде чешката влада, која во јули го презеде ротирачкото претседавање со Советот на Европската Унија.