Никого нема да оставиме сам да се справува со последиците од економско-енергетската криза, оваа криза ќе ја пребродиме сите заедно, порача на денешната прес-конференција претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски. Премиерот Ковачевски го презентираше новиот пакет антикризни мерки во вредност од над 350 милиони евра.
Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:
„Знам дека е недела, но ова се кризни времиња и сите ние, вклучувајќи ме и мене мора да делуваме соодветно, брзо и одлучно, затоа што пред нас е исклучително тешка зима и мора секојдневно да се носат одлуки кои што ќе значат полесно справување со сите предизвици кои што ги имаме.
Денес со мене се министерот за финансии, министерот за економија, заменик премиерот за економски прашања, директорот на Развојната банка, министерот за труд и социјала и директорот на УЈП, доколку имате прашања ќе можете да им поставите на сите нив, после моето обраќање.
Клучната порака на оваа прес-конференција е дека никого нема да заборавиме како што тоа беше случај и во претходните месеци и претходните две години и никого нема да оставиме сам да се справува со последиците од оваа криза, затоа што оваа криза ќе ја пребродиме сите заедно.
Мојата работа денес, а и секој ден понатаму, како и во сите изминати денови е да овозможам сите заедно, заеднички да ја пребродиме зимава на најдобар можен начин. Да ја пребродиме затоа што знам дека на пролет ќе биде подобро од она што нѐ очекува во наредните неколку месеци од зимата.
Оваа криза со која што се соочуваме не само тука, туку и во најразвиените земји е најтешката, најголемата криза после Втората светска војна, вие гледате дека сите извештаи на медиумите укажуваат дека се работи за највисоки стапки на инфлација во последните 50 години, ги гледате сликите од Франција каде што веќе има недостаток на дизел за возилата, каде што километарски колони се пред бензинските пумпи, меѓутоа секоја држава се справува на најдобар можен начин во однос на капацитетите со кои што располага, а секако заедно со нашите партнери од НАТО и заедно со нашите партнери од ЕУ и од регионот и ние се справуваме со кризата.
Заедно со нашите партнери и пријатели од ЕУ, како што кажав и ќе повторам уште еднаш, и заедно со нашите партнери од регионот и со нашите соседи ќе се погрижиме сите, буквално сите да бидат згрижени во текот на оваа зима. Знам дека сите граѓани се загрижени, нема граѓанин во нашата држава, во регионот и во Европа кој што не е загрижен од она што го гледаме секој ден на телевизиските екрани од боиштата во Украина, меѓутоа и од се она што излегува како информации во однос на економските показатели, затоа делуваме одлучно и преземаме мерки кои што ги ублажуваат ефектите на оваа криза.
Ќе биде тешко и кај нас, ќе биде тешко и во многу други земји, но тука дома сите да имаат доволно греење и доволно храна за да ја преживееме зимата.
Затоа денес на 88-та седница на Владата со министрите ги финализиравме мерките за поддршка на граѓаните и компаниите во време на економско- енергетска криза. Изминатиов период бевме навистина посветени на изнаоѓање на начини како да продолжи поддршката која ќе овозможи да го заштитиме животниот стандард на граѓаните но и ликвидноста на компаниите. Тоа се двете најважни работи и тоа е нашиот фокус до денес. Но од денес уште попосветени во надминувањето на ефектите од оваа глобална криза.
Нашата економија само што почна да заздравува и да бележи раст после пандемијата во која издвоивме регионално рекордни 1,2 милијарди евра, се случи војната во Украина која ја продлабочи кризата. Ние како Влада, делувавме брзо и одлучно, јас тогаш ви презентирав сет на мерки во вредност од 400 милиони евра со кои реално го ублаживме ценовниот шок и го заштитивме животниот стандард на граѓаните.
Денес, со најновата одлука, повторно, менаџираме добро со буџетот и ги враќаме парите назад кај граѓаните но таму каде што е најмногу потребно, кај најранливите категории на граѓани.
Донесовме нов сет на мерки за справување со енергетската и ценовната криза вреден над 350 милиони евра за кои економскиот импакт се очекува да уште биде поголем. На овој начин, со мерките кои ги донесовме во текот на 2022 година, вкупниот пакет на антикризни мерки изнесува досега 750 милиони евра.
По длабоки и долги консултации со експертите, со претставници на работодавачи, на здруженија на пензионери, со претставници на Стопански комори инсистирав да делуваме на повеќе нивоа за да може буквално сите да бидат опфатени.
Од една страна, нашата, мојата цел за оваа зима е да ги искористиме максимално ресурсите со кои располагаме, контактите со нашите пријатели од Европа, од регионот, контактите со најблиските соседи и да го исполнуваме нашиот план за обезбедување ресурси и пред се електрична енергија за семејствата, за училиштата, за болниците, за претпријатијата.
Затоа и изминатиов период јас и мојот тим бевме и во Бугарија и во Грција на средба со нивниот премиер, и разговарав со претседателот Вучиќ, министерот Бектеши беше во Турција на разговори со нивната државна компанија за електрична енергија, јас разговарав со претседателот Ердоган. Енергенси, струја, но и парно во Северна Македонија мора да има.
Од друга страна, усвојуваме таргетирани мерки кои ќе бидат поддршка за најранливите граѓани, што од друга страна е и препорака на меѓународните финансиски институции. Ние се наоѓаме во тежок период во кој што нема простор за изобилие, туку има простор за солидарност и поддршка на оние кои што се најранливи категории во општеството.
Во исто време, се трудиме да изнајдеме начин како она што веќе е поддршка за граѓаните и компаниите, да го продолжиме и понатаму за да обезбедиме сеопфатен пристап.
Така, со овој ребаланс на буџет кој што беше усвоен во изминатиот период, се осигуравме дека ќе се продолжи со мерките како што е повластената даночна стапка од 5% за прометот со електричната енергија кон домаќинствата за да се ублажи ценовниот удар од растечката цена на електрична енергија на светските берзи.
Продолжува и програмата за енергетска сиромаштија со која парично и директно помагаме 4.000 семејства и им обезбедуваме намалени сметки за потрошената електрична енергија. Со оваа мерка, секое семејство поединечно е помогнато со скоро 200 евра во текот на годината.
Продолжува финансирањето на општините за проекти за енергетска ефикасност преку поволен кредит во вредност од 10,5 милиони евра преку МСИП во Министерството за финансии.
Дополнително го одложуваме воведувањето еколошката такса, поради стопанството. Во Буџетот тоа ќе се над 25 милиони евра, но тоа се пари на граѓаните кои стопанството може да ги искористи за справување со кризата и затоа оваа такса нема да биде воведена оваа година.
Компаниите ги ослободуваме од плаќање ДДВ при увоз на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување. Повторно ова се над 26 милиони евра кои остануваат во оптег во стопанството.
Поволните кредити за инвестиции во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, во вредност од 100 милиони евра преку РБСМ по принципот 1+2 продолжуваат и понатаму да обезбедуваат поддршка за компаниите.
Од април до сега ја субвенционираме пазарната цена на струјата и тоа со 80%, 611.000 домаќинства и 72.000 мали потрошувачи и има пет пати помала сметка за струја од она што би ја платиле без субвенцијата на државата.
Со ребалансот продолжуваме на мерката за субвенционирање на цената на електричната енергија за што со ребалансот издвоивме дополнителни средства за да може сметките на граѓаните да останат на исто ниво до крајот на годината, односно 80% субвенционирани и на малите потрошувачи. За да може сето ова да се случи, одвоени за целата година ќе се вкупно над 222,7 милиони евра.
Со ребалансот воедно се обезбедуваат и средствата потребни за раст на пензиите, за поддршка на ранливите категории на граѓани, за раст на платите во одделни дејности во јавниот сектор, за средства за фирмите за поддршка на растот на платите во приватниот сектор, за дополнителни средства за земјоделците за повисоки приноси и за стабилизирање на цените на храната, како и за нови антикризни мерки за заштита на стандардот на граѓаните и заштита на стопанството од шоковите од енергетската и ценовна криза.
Со последниот ребаланс беа испланирани и сега ќе се операционализираат следниве мерки. Исплата на еднократна помош од 3.000 денари за примателите на гарантирана минимална помош, а тоа се 36.000 домаќинства за чија поддршка е одвоено скоро 40 милиони евра.
Зголемување на пензиите согласно новата методологија на пресметка на пензиите за над 330.000 пензионери. Во март ја усогласивме пензијата за 2,9%, со септемвриската имаше уште едно усогласување од 6,8, што е досега вкупно 10% зголемување на пензиите од март до денес. Во март идната година повторно ќе има усогласување со трошоците за живот и просечната исплатена плата, и проценката е дека зголемувањето кумулативно ќе е 16% што досега е најголемото зголемување и тоа во неизборна година, но јас кажав и кога ја менувавме методологијата за пензиите и кога го обезбедивме тоа покачување дека пензионерите заслужуваат секоја година зголемување на пензиите согласно со растот на трошоците за живот и растот на платите а не да бидат користени како порано во изборни цели пензиите кои што им беа исплаќани. Оваа мерка дава резултат и на краток но особено на долг рок. Засега, обезбедени се над 73 милиони евра за пензиите. Субвенционирање на придонеси за поддршка на платите на вработените во приватниот сектор во вкупен износ од над 17 милиони евра со кои што државата го субвенционира делот на придонесот кога работодавачите ја зголемуваат платата на работниците, со што работниците добиваат нето зголемување на платата, а работодавачите добиваат поддршка од државата за придонесите кои што ги исплаќаат за пензиско и за социјално осигурување.
Субвенции и трансфери за директна финансиска поддршка во земјоделскиот сектор за стимулирање на приносите, зголемување на продуктивноста, поголема конкурентност и амортизирање на ценовните притисоци за основните прехранбени производи. За земјоделците издвоивме над 52 милиони евра.
Обезбедување на средства за враќање на парите кај граѓаните преку програмата Мој ДДВ за што во буџетот издвоивме скоро 18 милиони евра, во време на криза, во време кога државата прави напори да субвенционира електрична енергија и зголемено производство на храна и субвенционирање на придонеси на плати како што кажав, зголемување на пензии и зголемување на минимална плата сепак сумата за поврат на ДДВ, односно директно враќање на парите кај граѓаните од ДДВ-то не е намалена, туку напротив таа изнесува 18 милиони евра.
Во овој процес на дизајнирање на мерки, ги земавме предвид препораките на експертите и на институциите како Меѓународниот монетарен фонд за фискалните политики кои треба да се водат, особено од страна на земјите во развој, кои по пандемијата го проширија долгот и намалија фискалниот простор.
Поради тоа се пристапи кон дизајнирање на таргетирани мерки, за поддршка на најранливите категории и за оние каде таа поддршка би имала значајно влијание. Оттаму, постојните мерки се дополнуваат со уште еден сет на мерки.
На овој начин, еднакво, и со поддршка на одделните општествени и економски сегменти покрај поддршката на оние кои најмногу им е потребна, ја одржуваме макроекономската стабилност, бидејќи кога се прават антикризни мерки мора во предвид да се има и поддршката на граѓаните, меѓутоа и макрофинансиската стабилност на државата, фискалната одржливост и монетарната одржливост на државните резерви, на платниот биланс.
Согласно овие препораки дизајниравме мерки за социјално ранливи категории на граѓани. Со овој сет антикризни мерки пред сѐ обезбедуваме по 3.000 денари месечно, во наредните 4 месеци, или вкупно 12.000 денари за скоро 42.0000 граѓани. (Тука спаѓаат лица кои користат право на социјална сигурност, лица кои го користат правото за попреченост, родители на децата со попреченост до 26 годишна возраст кои користат право на посебен додаток, лицата со попреченост кои користат право за помош и нега од друго лице, лицата со потешки трајни промени во здравствената состојба, самохрани родители корисници на ГМП, како и невработени лица, и корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок (стечајни работници)). За оваа мерка вкупно се издвоени над 8 милиони евра.
Директна финансиска поддршка од вкупно 6.000 денари во наредните 4 месеци (1500 денари месечно) има и за пензионерите кои земаат до 11.525 пензија, а тоа се над 91.600 пензионери наши сограѓани. Воедно, директна финансиска помош од вкупно 3.000 денари обезбедивме за пензионерите кои земаат пензија од 11.525-14.000 денари, односно над 66.000 пензионери. За оваа мерка, за нашите пензионери издвоивме над 12,2 милиони евра.
Во овој сет на мерки обезбедуваме поддршка на јавни, образовни и здравствени установи.
Така, ги вклучуваме основните и средните училишта на регулиран пазар за снабдување со електрична енергија, и обезбедуваме континуиран и непречен образовен процес. Поддржуваме вкупно 365 основни и 109 средни училишта и (за оваа цел одвоивме над милион евра).
Овозможуваме снабдување на јавните здравствени установи со електрична енергија преку продажба од ЕСМ по далеку поповолна цена од пазарната цена.
Обезбедуваме снабдување со електрична енергија на мерни станици за водни пумпи, преку ЕСМ продажба по поволна цена од берзанската цена (потребна електрична енергија од 34.000 MWh, субвенционирање на разлика во цена на електрична енергија - фин импликација 3,4 милиони евра), не смееме да дозволиме во општините каде што се снабдуваат со вода преку пумпи да останат граѓаните без вода.
Секако не го забораваме и приватниот сектор - микро, малите и средни компании, тие се нашиот столб.
Го прошируваме опсегот на компании кои се корисници на кредитно - гарантната шема од Гарантниот фонд на Развојната банка, преку олеснување на критериумите за аплицирање за обезбедување на обртни средства за што се предвидени околу 5 милиони евра.
Обезбедуваме директна кредитна линија за поддршка на ликвидноста на микро, мали и средни трговски друштва (согласно тековната состојба) како и ТП, занаетчии (кои плаќаат давачки на реален приход);
Овозможуваме забрзан и зголемен поврат на ДДВ со помалку од 30 дена за поврат на ДДВ за што се одвоени вкупно скоро 160 милиони евра.
Обезбедуваме на поволна консултантска поддршка за изработка на проекти / студии за инвестиции во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија со цел полесен пристап до капитал.
Продолжуваме со кредити за инвестирање во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија со структура на финансирање 60%-40%, за што се одвоени 10 милиони евра.
Воедно, за набавка на енергенси, затоплување на Градот Скопје, поддршка за производство на евтина домашна струја за домаќинствата кои треба да ги операционализира ЕСМ преку кредит од ЕБРД од 100 милиони евра.
Почитувани граѓани,
Кажав и на почетокот на оваа прес-конференција, и ќе повторам, верувам дека сите заедно, ќе ја пребродиме зимата и оваа најтешка, најголема криза досега. Јас ќе дадам сѐ од себе, Владата, министрите исто, тоа е наша работа и денес и секој ден понатаму.
Како што покажавме денес со овие антикризни мерки, активно и секојдневно се справуваме и ќе се справуваме со последиците, и дома, но и во соработка со соседите, со европските пријатели.
Јас знам дека сите ние се грижиме за нашите семејства во време на криза, тоа е природно. Но кога сте премиер, вие мора да се грижите за сите. Затоа и денес ги донесовме овие мерки и продолжуваме и понатаму со секојдневен ангажман за да се погрижиме да има и струја и греење и храна за сите.“
Согласно овие препораки дизајниравме мерки за социјално ранливи категории на граѓани. Со овој сет антикризни мерки пред сѐ обезбедуваме по 3.000 денари месечно, во наредните 4 месеци или вкупно 12.000 денари за скоро 42.0000 граѓани. (Тука спаѓаат лица кои користат право на социјална сигурност, лица кои го користат правото за попреченост, родители на децата со попреченост до 26 годишна возраст кои користат право на посебен додаток, лицата со попреченост кои користат право за помош и нега од друго лице, лицата со потешки трајни промени во здравствената состојба, самохрани родители корисници на ГМП, како и невработени лица корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок односно стечајни работници согласно Законот за материјално обезбедување). За оваа мерка вкупно се издвоени над 8 милиони евра.
Директна финансиска поддршка од вкупно 6.000 денари во наредните 4 месеци (1.500 денари месечно) има и за пензионерите кои земаат до 11.525 пензија, а тоа се над 91.600 пензионери наши сограѓани. Воедно, директна финансиска помош од вкупно 3.000 денари обезбедивме за пензионерите кои земаат пензија од 11.525-14.000 денари, односно над 66.000 пензионери. За оваа мерка, за нашите пензионери издвоивме над 12,2 милиони евра.