Денеска, (10.10.2022), висока делегација од МВР предводена од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, при работната посета во Женева, во Седиштето на Meѓународната организација за миграција (ИОМ) оствари работна средба со Антонио Виторино, Генералниот директор на ИОМ.
Министерот Спасовски во оваа прилика упати благодарност до Генералниот директор на ИОМ, Антонио Виторино, како и до претставниците на Меѓународната организација за миграции кои директно се присутни на македонско-грчката граница, во Привремениот центар за мигранти каде што учествуваат во спроведување на секојдневни активности, обезбедувајќи поддршка и помош на мигрантите, а во текот на пандемијата и со обезбедување на потребната заштитна опрема и се во постојана комуникација и координација со претставници на граничната полиција присутни на локално ниво, како и со претставници на нашето Министерство на повисоко ниво.
Спасовски информираше дека во моментов оценките се дека безбедносната состојба на државните граници е стабилна и без позначителни промени во однос на изминатиот период. Од тие причини, особено внимание се посветува на раното откривање и спречување на обидите за илегално минување на државната граница, спречување на криумчарењето на мигранти, сузбивање на криминални групи кои вршат криумчарење, идентификација на потенцијални жртви на трговија со луѓе и ранливи категории на лица меѓу мигрантите.
,,Очигледно дека за справување со зголеменото движење, не се доволни само национални мерки, туку продолжување и натамошно зајакнување на заедничкиот пристап на засегнатите земји кој ќе вклучува оперативна соработка, поддршка во јакнењето на националните капацитети, но и соработка со земјите на потекло. Во таа насока меѓу нашите главни приоритети е продлабочување и оддржувањето на меѓународната соработка – со земјите од регионот, со земјите на транзит и потекло, со агенциите на ЕУ (во прв ред Frontex, Europol, EASO), на Обединетите Нации (IOM, UNHCR) како и релевантни меѓународни организации (OSCE, ICMPD, DCAF).“потенцираше Спасовски.
Генералниот директор на ИОМ, Антонио Виторино искажа особена почит кон министерот Спасовски за можноста да се реализира денешнава средба и упати искрена благодарност за заложбите на Министерството за внатрешни работи и до Владата на Република Северна Македонија за реализираните заеднички проекти, со уверување дека тие како организација и во иднина ќе продолжат во насока на поддршка во јакнењето на националните капацитети.
Министерот Спасовски во оваа прилика рече дека особено му е драго што во периодот од 15-16 ноември 2022 година во Скопје, Република Северна Македонија ќе биде реализирана ,,Министерската конференција за одржливо управување со миграциите во Западен Балкан“, во организација на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи на Чешка Република со поддршка од ИОМ – Меѓународната организација за миграција. Целта на оваа конференција ќе биде да се опфатат сите теми кои ги засегаат земјите од Западен Балкан и меѓународните организации кои ќе земат учество и, воедно создавање подобра синергија помеѓу земјите за справување со миграцијата.