Средба на вицепремиерот Пешевски со Мулјани Индравати, управен директор на Светска Банка

Заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски денеска оствари средба со управниот директор на Светска Банка, Шри Мулјани Индравати.

На средбата било разговарано за актуелните економски и политички состојби во Европската Унија и во Република Македонија, како и за активностите кои се превземаат од страна на македонската Влада со цел подобрување на инвестиционата клима и економскиот раст. Биле разменети и мислења за проектите и поддршката на Светска Банка кои се во насока на постигнување одржлив развој и зголемување на економскиот раст. Притоа фокусот бил ставен на конкретни проекти како проектот „Зелен Развој“, подршката во областа на земјоделието и подршката за развој на конкурентноста на македонското стопанство.

Вицепремиерот Пешевски истакнал дека Владата на Република Македонија особено ја цени плодната соработка која е востпоставена со Светската Банка и оти искрено се надева на продлабочување на идните активности во насока на унапредување на економскиот развој.

Шри Мулјани Индравати во текот на 2010 година е избрана за управен директор на Светска Банка. Во изминатите години таа редовно се наоѓа на листата на најмоќни жени во светот, изработена од страна на Форбс Магазинот. Во 2011 година Шри Мулуани Индравати е рангирана на 65 - то место.