Писмо од премиерот Груевски до лидерите на државите членки на НАТО

Почитуван колега,

Ви се обраќам во предвечерието на Самитот на НАТО во Чикаго, на чија агенда се наоѓаат повеќе теми од значењето за колективната безбедност, како што е арапската пролет и состојбите на средниот исток, односите со Русија и транзицијата на НАТО силите во Авганистан. Овие теми ќе го детерминираат стратешкиот пристап на Алијансата во обезбедувањето светски мир и демократија, a ние како нација истите ги поздравуваме и изразуваме подготвеност за конкретен придонес. Се чувствуваме полни со капацитети за поддршка на визијата на НАТО и тоа јасно го афирмираме.

Она што создава чувство на непотполност е фактот, кој со жалење можам да го констатирам, дека во агендата не се предвидува дискусија по прашањето за проширување на Алијансата. Процесот на проширување на Алијансата е неопходно да продолжи, бидејќи, со тоа несомнено ќе се придонесе кон зајакнување на стабилноста, просперитетот и демократијата во Југоисточна Европа. 

Во изминатите години, Република Македонија ги исполни сите потребни критериуми за членство во НАТО, што беше констатирано на минатиот самит во Букурешт. Ние се докажавме како рамноправен партнер на Алијансата, активно придонесувајќи во реализацијата на меѓународните мировни мисии предводени од НАТО, особено мисијата ИСАФ во Авганистан, каде што сме рангирани како еден од најголемите контрибутори по глава на жител. На тој начин, Република Македонија покажа дека може да ги презема обврските од членството во Алијансата, партиципирајќи во унапредувањето на колективната безбедност и изградбата на слободни и демократски општества.

Моментално се наоѓаме на средина на тринаесеттиот циклус на Акциониот план за членство, а неодамна Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови ја усвои Декларацијата за реафирмирање на реализацијата на стратешката цел за членство на Република Македонија во НАТО, што претставува уште една потврда за постоење консензус во општеството по ова прашање. Токму од овие причини, сметам дека актуализирањето на поканата за членство во НАТО на претстојниот самит во Чикаго ќе претставува логичен исход на сработеното од страна на Република Македонија и вреднување на нашите заложби, придонеси и аспирации.

Како што знаете, во Букурешт не ја добивме поканата за полноправно членство заради противењето на нашиот сосед, Република Грција, која го попречи нашиот прием заради еден билатерален спор кој го има со нас, а кој никако не е, и не може да претставува легален услов за членство во Алијансата. Констатација за нелегално попречување на нашето членство, и своевидна сатисфакција за неправдата која ни беше нанесена на самитот во Букурешт, се постигна со пресудата на Меѓународниот суд на правдата од Хаг од декември 2011 година, и со препораките од таа пресуда. Со оваа пресуда, Судот јасно и недвосмислено потврди дека Република Грција постапила спротивно на член 11 став 1 од Времената спогодба кога издејствува попречување на Македонија за членство во НАТО, односно, заземениот став на Алијансата за прием на Република Македонија во членството по надминувањето на спорот со Грција, бил донесен како резултат на претходно нелегално дејство на Грција. Судот зазема став дека Република Македонија во целиот овој период постапувала со добра волја во надминувањето на спорот со Република Грција, и, исто така, зазема став дека овој спор не претставува и не треба да се гледа во корелација со зачленувањето на мојата земја во меѓународните организации, како што е НАТО. Судот истакна дека водејќи се според оваа пресуда, Грција не би требало да го продолжи попречувањето на членството на Република Македонија во меѓународната организација под референцата на ООН. Ова нè  мотивира да истакнеме дека е рационално, исправно и правично, заклучокот донесен во Букурешт, кој се однесува на нашето зачленување, да биде коригиран, а притоа да се искористи правната сила на хашката пресуда и светлото кое му се  придава на ова прашање. Би сакал да истакнам дека Вашата поддршка на оваа легитимна аспирација на мојата земја и на огромното мнозинство граѓани, ќе биде од големо значење и за нашиот, но и за општиот интерес на Алијансата. Водејќи се од принципите, се надевам дека пресудата на Судот нема да остане само морална сатисфакција за Република Македонија, односно нема да биде игнорирана од страна на земјите членки на НАТО.

Верувам дека ќе се сложите со констатацијата дека игнорирањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата, кој е основан од Обединетите нации, меѓу кои се и земјите членки на НАТО, кој е еден од шесте органи на светската организација и кој претставува најрелевантен чувар на меѓународното право, би претставувало игнорирање на вредностите на кои почиваат самите Обединети Нации и игнорирање на правната и цивилизациска важност на одлуките на Судот. Уште повеќе, ставањето на страна на одлуката на Судот би предизвикало повреда и на вредностите и на принципите на кои се темели самата Алијанса, а тоа е слободата, демократијата и владеењето на правото. Токму овие принципи претставуваат едно од сврзувачките ткива на организацијата кои што овозможија државите членки сплотени и исправени да се соочат со сите предизвици во изминативе децении. Токму симбиозата меѓу овие принципи и воената сила со која што располага Алијансата овозможија НАТО да прерасне во главен меѓународен актер во заштитата на безбедноста, демократијата и мирот во светот.

Свесен сум дека држењето до овие принципи не е секогаш лесно и  може да предизвика непријатности меѓу сојузниците и партнерите. Но, сепак, принципиелноста е таа која што нè држи исправени пред предизвиците и ни помага да не го изгубиме тлото под нозете во овие турбулентни времиња. Инсистирањето на солидарност лишена од принципи, ја става на преден план силата како единствен чинител на дејствување. Оттука, потребно е да се покаже поголемо разбирање за ситуацијата пред која е исправена Република Македонија, која е условувана за добивање на покана од една земја членка и покрај исполнувањето на сите неопходни услови и стандарди кои што од нас беа побарани. Потребно е да се преиспитаат постојните позиции во однос на членството на Република Македонија во НАТО и истовремено да и се даде можност на Грција да се изјасни за согласноста од почитување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата. 

Сигурен сум дека приемот на Република Македонија во НАТО нема да биде само од корист за стабилноста, безбедноста и просперитетот во регионот, туку истовремено ќе поттикне создавање поволна клима на доверба меѓу Република Македонија и Грција. Тоа несомнено ќе внесе нова динамика, но и позитивен притисок за интензивирање на меѓусебните разговори со цел изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за спорот за името во духот на заедништвото и соработката која постои во рамките на НАТО.  

Уверен сум дека аргументите и предлозите кои што ги изнесов погоре ќе ги оцените како фер и прифатливи. Апелирајќи уште еднаш за Ваша поддршка во донесувањето одлука за покана за членство во НАТО на претстојниот самит во Чикаго, примете ги, почитуван колега, изразите на моето највисоко почитување.

 

 

Никола ГРУЕВСКИ