„По Истанбул, Софија, Тирана, Њујорк,... Загреб е петтиот македонски КИЦ во светот. Сите центри, набргу по нивното отворање, го положија испитот за нивната оправданост и неопходност. Гледам дека КИЦ во Загреб цели кон висока оценка на тој испит“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на свеченоста по повод официјалното отворање на македонскиот Културно-информативен центар во Хрватска.
Костадиновска-Стојчевска на бројните гости, меѓу кои беше и министерката за култура и медиуми на Хрватска, Нина Обуљен Коржинек, им посака добре дојде во македонскиот Културно-информативен центар во главниот град на нам блиската и пријателска Хрватска за чии граѓани, како што кажа, нашата музика, нашата уметност, култура, нашите традиционални вредности имаат посебно место во нивните срца.
„Но, и поради нашите, на кои овој град и оваа земја им се нивна постојана адреса на живеење – овој Центар, ова катче нека биде пократкиот пат до дома и уште една македонска порта кон заедничките културни европски вредности“, додаде Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура потсети дека Одлуката за основање на КИЦ во Загреб е донесена пред година и половина и набргу започнаа подготовките за неговото отворање. Таа упати благодарност до директорката на ова катче на македонската култура во Загреб, Наталија Поповска, која со успех веќе ја реализира и програмата.
-Нашите чувства кон Загреб се уште подлабоки со фактот дека тука, пред 161 година, е отпечатен и првиот Зборник на македонските преродбеници, браќата Димитар и Константин Миладинов, со помош на хрватскиот бискуп и добродетел Јосип Штросмајер.
Загреб е и првата станица на долгиот пат на милосрдноста на нашата Гонџа Бојаџиу, за Ватикан светица, за светот Мајка Тереза. Пред 32 години Загреб ја прогласи за свој почесен граѓанин и, како што и самата рече: „ова е градот на мојата разделба со мајка ми и сестра ми и почеток на мојата мисија“ – нагласи Костадиновска-Стојчевска.
Таа посочи дека преку Годишната програма за поддршка на проекти од областа на културата, Министерството за култура со години ги поддржува проектите на Здружението на хрватската заедница во Македонија.
„Ме радува фактот што и македонската заедница во Хрватска е уважена и почитувана. Затоа верувам дека овој простор никогаш и никого нема да го остави рамнодушен“, додаде македонската министерка за култура.
Хрватската министерка за култура и медиуми Нина Обуљен Коржинек изрази задоволство што заедно со македонската министерка за култура го отворија Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Загреб, кој, како што рече, ќе биде центар не само на нови знаења за вредната македонска култура, но и нова платформа за презентација за македонските уметници, во корист на уште поплодна заедничка културна соработка.
„Историјата и културата на хрватскиот и македонскиот народ се испреплетени со делување на истакнати поединци, а денес нашите културни сцени би биле посиромашни без гостувањата и заедничките програми на хрватските и македонските уметници“, додаде Обуљен Коржинек.
Свеченото отворање на петтиот македонски КИЦ во светот кој се наоѓа на улицата „Хебрангова“ број 4 во Загреб, беше збогатено со изложба на уметнички фотографии „Македонија низ објективот на хрватски фотограф Марио Пуциќ“.
На свеченоста присутвуваа и македонски студенти кои студираат во Хрватска, а беа прочитани и сегменти од драмите на Горан Стефановски кои се преведени на хрватски јазик, како и расказ од Славко Јаневски.