Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски заедно со претседателот на Владата на Република Бугарија Галaб Донев, во придружба на министри од двете влади, претставници од Делегацијата на ЕУ и ЕБОР, денеска присуствуваа и говореа по повод на отпочнување со градба на источен дел од железничкиот Коридор 8, секција Куманово - Бељаковце - Крива Паланка.
Во продолжение ви го пренесуваме целото обраќање на премиерот Ковачевски:
„Почитуван, господин Галaб Донев претседател на Владата на Република Бугарија,
Почитуван евро-амбасадоре Дејвид Гир,
Почитувани претставници на ЕБОР,
Почитувани, господин Груби, прв заменик претседател на Владата на Република Северна Македонија,
Почитуван министри, почитувани амбасадори, почитувани пратеници во Парламентот на Северна Македонија,
Почитувани гости, почитувани медиуми и пред се почитувани граѓани и на Северна Македонија и на Република Бугарија,
Секој човек, секој од нас, може да има желба и амбиција, но кога сè има одлучност и визија за иднината тогаш доаѓа успехот.
Денес продолжуваме со остварување на целта, од национално, стратешко и меѓународно значење за Република Северна Македонија. Денеска овде го означуваме почетокот на изградбата на источниот дел од железничкиот Коридор 8 низ Северна Македонија – делница Куманово - Бељаковце – Крива Паланка, што значи модерна европска железничка инфраструктура во Северна Македонија, но и забрзан регионален и економски развој.
Ваквите капитални проекти, се проекти за идните генерации и со нив Северна Македонија станува поврзана со европските железнички коридори.
Северна Македонија географски, природно е крстосница, клучна точка на поврзување и кон Европа, но и кон Јадранското и Црното море. Со капитални проекти како овој, нашата држава станува и реална крстосница на Балканот, отворајќи простор за раст, развој и напредок на повеќе полиња.
Вчера следејќи ги вестите на медиумите, многу од нив кога известуваа за денешниот настан неизбежно беше да предочат дека веќе 30 години или поточно 28 години овој проект стои во место.
„Возот до Софија тргна во 1994“, и тоа е така. „Пругата наречена надеж“ така ја карактеризираат медиумите е можам да кажам сосема прецизна формулација. Свесен сум дека постои скептицизам, јас сум еден од оние кои практично пораснаа со проектот железница кон Бугарија. Од моментот кога станав свесен за тоа што се железнички коридори тогаш почна да се гради овој железнички коридор и се уште не е изграден. И знам зошто постои тој скептицизам, таа недоверба дека некогаш и ќе се случи ова. Системот ни е таков и тоа на многу места, јасен ми е сентиментот на граѓаните. И за да можеме да го поправиме, треба сето ова најпрво да си го признаеме, а потоа да се зафатиме со работа.
Или во текот на овие изминати 30 години не сме имале знаење, или немало доволна посветеност или имало премногу корупција. Или сите 3 работи заедно.
Затоа, тука, пред вас, одговорно тврдам дека единствената опција која ја имаме е да ги удвоиме напорите и напорно да работиме. И да го сработиме сето ова со нашите пријатели, со нашите соседи, со ЕУ. Можеме секако да зборуваме зошто нешто не можело или како требало да се направи. Но имаме и опција да избереме да работиме и да одиме напред, да го избереме најдобриот пат, или во случајов најдобрата пруга кон европската иднина.
Денеска затоа велам дека рехабилитацијата и зафатите на Коридорот 8, железничката пруга која ја поврзува Република Северна Македонија со Република Бугарија стануваат реалност.
Со посветена соработка градиме наша заедничка иднина, обезбедуваме можности за стопанството, бизнис заедницата, вложуваме во функционално, модерно, железничко поврзување вложуваме во целиот овој регион. Оваа инвестиција на Северна Македонија и отвора нови европски рути за железнички превоз, воспоставува регионално поврзување со пристаништата во Бургас и Варна во Бугарија и пристаништето Драч во Албанија што е од исклучителна важност за нашата економија но и генерално за соработката на регионот во целина како и соработката на регионот со други региони во Европа.
Оваа економска и енергетска криза со која се соочуваме ни предочи многу јасно колку е важна регионалната соработка и поврзаност и секако добрососедството. Оваа долгоочекувана пруга, очекувам покрај забрзан економски развој и на земјата и на регионот, да придонесе и кон подобрување токму на регионалното поврзување и регионалната соработка.
Пред нас претстои процес на реформи за железничкиот транспорт, а тој процес е долг, но и неопходен за развиен, безбеден, брз и пред сè европски железнички транспорт. Оваа прилика сакам да упатам и благодарност од нашите пријатели и партнери од Европската Унија кои ни овозможија преку заеднички проекти да ја отпочнеме изградбата на модерна и ефикасна железничка мрежа во регионот.
Европската Унија е наш партнер во процесот на реформи, европскиот пристап, начин на работа и живот – сè она кон кое целиме, а тоа секако вклучува модернизиран железнички сообраќај кој ќе ја олесни комуникацијата помеѓу земјите во регионот. Токму затоа овој проект е особено важен како за нас, така и за нашите соседи.
Република Северна Македонија помина еден долг сложен период на политичка и економска би рекол агонија и неизвесност, патот по кој чекориме сега е пат за развој и напредок на македонското општество како целина.
Со одлуките кои ги донесовме за отпочнувањето на преговорите со ЕУ, вложуваме во развојот на Северна Македонија, вложуваме во нејзиното меѓународно позиционирање и политички, и економски. Нашата европска ориентација како Влада носи резултати.
Пред нас е уште еден доказ дека политиките на пријателство, добрососедство и соработка значат развој и за Северна Македонија и за Бугарија, поединечно но и заемно за двете земји, но и за регионот. Кога постои волја, тие политики лесно и најпрактично се реализираат.
Затоа денеска сме сведоци на конкретна, реална и остварлива цел која е во интерес на граѓаните, за нивен подобар живот и просперитет на бизнис заедницата. Новата железничка инфраструктура отвора пазари за нови инвестиции, за нови соработки меѓу домашните, но и со меѓународните компании, помалку трошоци за транспорт, што е многу важно за стопанството во време на економска криза со која се соочува Европа и светот.
Наш приоритет е забрзан развој, пред сѐ економски развој на Северна Македонија, бидејќи граѓаните го очекуваат тоа, тие заслужуваат да живеат во европска земја со повисок животен стандард.
Тоа е нешто на кое јас како премиер сум целосно посветен. Само во изминативе две-три недели отворивме неколку нови фабрики, бевме сведоци на нови инвестиции, воедно отпочна со работа најголемата досега соларна електрана која е дел од планот за енергетската транзиција на земјата.
Последниве неколку години се позициониравме како дестинација во која странските инвеститори имаат доверба. Ние сме значително над глобалниот просек кога станува збор за привлекување гринфилд инвестиции споредено со БДП на земјите. Речиси 90 проценти од инвестициите потекнуваат од нови проекти, додека останатите 10 проценти се од инвестиции за проширување. Инвестициите во обновливите извори на енергија се водечки сектор, потоа секторот за автомобили, софтвер и ИТ-услуги. Сето ова означува развој и напредок.
Инвестициите и развојните проекти кои ги гледаме последниве месеци, но и последниве 5 години, се резултат на добрите владини политики, но и на нашиот стабилен деловен амбиент, на членството во НАТО, како и на почетокот на преговорите со Европската Унија. За нас како Влада ова е силна потврда за успешниот концепт кој го спроведуваме и во време на глобални предизвици.
Владата што ја предводам има јасна цел и насоки, остварувањето на стратешките и државни цели на кои граѓаните нѐ обврзаа уште во деведесеттите и тоа е е наш приоритет. Работиме посветено на економски раст и развој, подобар животен стандард, грижа за најранливите, знаејќи од каде доаѓаме, но со поглед секогаш вперен кон иднината.
Ви благодарам и нека е со среќа и аирлија работата!“