Пуштена во употреба фекална канализација Сингелиќ - Економија - Инџиково

Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски, во присуство на претставници од Советот на општината, претставници од урбаните и месните заедници и граѓаните од општината, денеска ја пуштија во употреба примарната фекалната канализација со препумпна станица за населените места Сингелиќ, Економија, Инџиково и за дел од Стајковци.

- Сметаме дека со овој зафат се реши еден голем проблем за населението од овој дел на најголемата скопска општина и се обезбеди еден од основните урбани услови за живеење. Но, не само тоа, туку тоа значи и голем чекор напред во заштитата на животната средина преку спречување на неконтролиран истек на отпадни комунални води што претставува голем ризик за загадување на подземните води, загадувањето на почвата и земјоделското производство во регионот како и можен извор на зарази за населението, рече Адеми.

Вредноста на овој проект, посочи тој, изнесува 35 милиони денари, а финасиската конструкција ја затворивме со заеднички сили и тоа Министерството за животна средина и просторно планирање, Градот Скопје и општината Гази Баби.

- При тоа, Министерството за животна средина и просторно планирање  од својот буџет обезбеди средства во висина од 10 милиони денари, истакна министерот Адеми.
 
Со реализацијата на проектот, се овозможи  приклучок на фекална мрежа  на околу 1.500 домаќинства или  на околу 6.000 жители на подрачјето. Примарниот вод на фекалната канализација е во должина од 1.622 метри со Ф600, 721 метар со Ф700 и 250 метри со Ф800.

Секундарниот вод со профил 400 милиметри е во должина од 400 метри, а изградена е и препумпна станица со капацитет од 300 л/секунда.

Исто така, Министерството за животна средина и просторно планирање е во фаза на реализација односно изградба на фекална канализација за населено место Сингелиќ. Вкупната инвестициона вредност согласно потпишаната рамковна спогодба изнесува 25 милиони денари и истата ќе се реализира во текот на оваа година.