Министерот Тодоров во посета на реновираните сали за ортопедска хирургија на Универзитетската клиника
Министерот за здравство Никола Тодоров денеска ги посети трите реновирани и една новооформена сала, наменети за ортопедска хирургија на Универзитетска клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар - Скопје.
Инвестицијата за реконструкцијата на салите е во висина на три милиони денари, обезбедени од буџетот на Клиниката, додека хируршките столови, во вредност од 13 милиони денари се донација.
Со новоотворената хируршка сала, потенцира министерот Тодоров, ќе се зголеми бројот на интервенции што досега се движеше од 40 до 50 во трите сали.
Директорот на Универзитетска клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар, Реџеп Селмани го информирал министерот Тодоров и за потрошниот материјал, конкретно за протезите кои се вградуваат, како и за динамиката на операциите. Тој посочи дека се работи за околу 20 протези годишно кои се вградливи.
- Нашата Клиника е една од водечките во регионот во делот на протетиката, изјави директорот Селмани.
Правејќи компарација со Словенија, Тодорот посочи дека на ортопедската хирургија над 70 проценти од интервенциите се планирани, додека 30 се итни.
- Клучно е што словенечката клиника има буџет од 14 милиони евра, а нашата од околу 1,5 милиоn евра. Сепак, во делот на 30-те проценти итни интервенции во Словенија има чекање над 100 дена, додека кај нас не се чека повеќе од два до три дена, рече Тодоров, додавајќи оти во Скандинавските земји времето на чекање е некаде до 18 месеци, додека кај нас три месеци.
Одговарајќи на новинарско прашање како ќе им одговори на здруженијата кои побараа бесплатно здравстрво - без партиципација за малигните заболувања, министерот Тодоров потенцира дека во Македонија тие пациенти се целосно ослободени од партиципација. Ниту една клиника или здравствена установа, истакна, не смее да наплаќа партиципација.
- Доколку постои таков случај, им благодарам што го посочиле во јавноста. Директорот на клиниката денеска ме увери дека никогаш за малигните заболувања тука и на ортопедија не била наплаќана партиципација. Ако има такви случаи ќе мораме да најдеме начин како тие средства да се рефундираат и тоа повторно да не се случи, изјави министерот за здравство.
Во однос на усогласувањето на цените на лековите од страна на некои фармацевтски компании, Тодоров дециден дека нема никого да обвини се додека тоа не биде докажано во правна процедура. Според него, најголем дел од лекарите биле ставени, подвлече, пред свршен чин, да морале да потпишуваат ваков тип договори за да не се случи недостаток од витални продукти без разлика дали се тоа лекови или друг потрошен материјал што е неопходно за нормално функционирање на здравствената установа.