Груевски на средба во кинеската „Синохидро“ - интерес пројавен за енергетиката и инфраструктурни проекти
Владината делегација, предводена од претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, започнувајќи ја работната посета на Народна Република Кина, денеска(недела, 13.05.2012 година) оствари средба со делегација на кинеската државна компанија Синохидро, предводена од Џанг Јунли, претседател на компанијата. Синохидро, чиј делокруг на работа опфаќа инвестиции и реализација на проекти во енергетиката, инфраструктурата и недвижностите во својата област е најреномирана компанија во Азија, и една од првите пет најреномирани во светот.
Двете страни изразија интенција и заложба за унапредување на економските односи помеѓу Македонија и Кина на севкупно ниво. Средбата на двете страни е втора во последниот период.
На средбата на претседателот на Синохидро и претставниците на компанијата им беа претставени инвестициските можности кои ги нуди Република Македонија, и поволностите за водење бизнис.
Компанијата Синохидро изрази сериозен интерес за опциите за реализација на инвестиции во Република Македонија, и најави конкретни чекори за дополнително истражување на претставените можности, особено во делот на изведба на градежно инвестициски активности.
Главен интерес на средбата се покажа за можноста за реализација на инвестиции во областа на енергетиката и хидроенергетиката, и реализација на инфраструктурни проекти.
Двете страни разгледуваа конкретни проекти, и поедини аспекти и детали од истите, одејќи во подлабока анализа на предностите за реализација на проектот, потребната финансиска конструкција за проектите, и оправданоста и поволностите од отворениот бизнис и за компаниите и за интересите на Република Македонија.
Акцентирајќи ја посветеноста за истражување на капацитетите на нашата земја за инвестирање, претседателот на Синохидро Џанг Јунли, најави дека во следниот период специјална делегација на претставници на Синохидро ќе ја посети Република Македонија при што ќе се спроведе дополнителна и напредна комерцијална и техничка анализа на понудените проекти.