Односи Република Македонија – Народна Република Кина

Односи Република Македонија – Народна Република Кина

Односите меѓу Република Македонија и Народна Република Кина се развиваат во духот на пријателство, меѓусебно разбирање и заемно почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и рамноправност на двете земји.

Република Македонија и Народна Република Кина воспоставија дипломатски односи на 12 октомври 1993 година на ниво на амбасади.

Премиерот Никола Груевски оствари официјална средба со кинескиот премиер Вен Џиабао, на Форумот „Полска – Централна Европа – Кина“ што се одржа во Варшава, на 26 април 2012 година. Груевски и Џиабао се сретнаа претходно во септември 2009 година  во Далиан,  НР Кина,  на маргините на Форумот Летен Давос. Потпретседателот на Државниот совет на НР Кина, во март 2012 година престојуваше во посета на Република Македонија, при што оствари средба и со  претседателот на Владата на Република Македонија,  Никола Груевски и со претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.

Соработката со НР Кина на мултилатерален план е одлична и најголем интензитет бележи во рамките на Обединетите Нации. Постои отворена комуникација и координација по прашањата од агендата на  Обединетите Нации. Како членка на ОН и една од петте постојани земји - членки на Советот за безбедност, Кина во континуитет демонстрира поддршка кон надворешно-политичките активности на Република Македонија.

Соработка Република Македонија – Народна Република Кина

Владата на Република Македонија и Владата на Народна Република Кина, остваруваат соработка и во областа на економијата, образованието, културата, земјоделството и техничката помош.

Економија

Постои нагорен тренд во трговската размена меѓу двете земји, која во 2011 година бележи најголем обем во однос на изминатите 3 години и се должи на зголемениот извоз на Македонија. Вкупната размена е 480 милиони американски долари, што претставува 30 % поголем обем на размена споредено со 2010 година. 

Потпишан е Меморандумот за реализација на енергетскиот проект „Вардарска долина“ помеѓу македонската Влада и  развојната банка на НР Кина и кинеската компанија CWE. Постои кинеското учество во енергетскиот проект во ХЕЦ „Козјак“, и актуелно учество во тендерите за ХЕЦ „Чебрен“ и „Галиште“.

Премиерот Вен Џиабао поведе иницијатива за потесна соработка на економски план помеѓу НР Кина и земјите од Источна и Југоисточна Европа, за алоцирање на 10 милијарди долари како поддршка и зајакнување на економската соработка со овие земјите од Централна и Југоисточна Европа.

Соработка во земјоделството

Потпишан е Меморандум за разбирање и понатамошна соработка во земјоделството, како и Протокол за фитосанитарни услови за извоз на тутун од РМ во НР Кина.

Техничка помош

НР Кина секоја година доделува техничка помош на Република Македонија, која се реализира преку проекти во различни области (реновирање училишта, донирање компјутерска опрема итн..). Кина донираше 23 училишни автобуси за основните и средните училишта во Република Македонија. Во март 2012 година, за време на посетата на висока кинеска делегација на Република Македонија, предводена од потпретседателот на Државниот совет на НР Кина, Хуеј Лиангју, беше потпишан Договорот за економска и техничка помош.

Образование

Со Спогодбата во областа на образованието меѓу двете влади предвидено е секоја година да се доделуваат по 5 стипендии (вклучувајќи редовни, последипломски, докторски студии и специјализации).

Во просториите на Универзитетската библиотека „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, отворен е Домот на кинеската култура како прв чекор кон понатамошно отворање на канцеларија на Институтот Конфучие во Скопје.

Владата на Република Македонија во учебната 2010/2011 година започна програма за доделување на стипендии за странски студенти за студирање на Универзитетот за информатички науки и технологии “Св. Апостол Павле”, во Охрид, каде што НР Кина во оваа учебна година е застапена со еден студент.

Културна соработка

Културната соработка се одвива во рамките на потпишаната  Спогодба меѓу двете Влади, склучена во 1995 година. Во Пекинг и во Далиан се одржа културната манифестација „Македонски фолклор во НР Кина“. Договорена и размена на македонски и кинески филмови. Во рамките на манифестацијата „Македонски фолклор во НР Кина“ во 2011 година беше отворена изложбата „Македонски фолклор“ на уметникот Гордана Вренцоска,  а  ансамблот за народни игри и песни „Танец“ одржа концерти во Пекинг и Далиан.

Економија-Кина

Кина има значајна улога во светската економија, како најголема земја извозник. Од 1970 година Кина почна да се движи од затворен, централно планиран економски систем кон пазарно ориентирана економија. Реформите започнаа со напуштањето на колективното земјоделство и постепена либерализација на цените, фискална децентрализација, зголемување на автономијата на државните претпријатија, создавање на диверзифициран банкарски систем, развој на берзата, брз развој на приватниот сектор, како и отворање на земјата кон надворешната трговија и инвестиции. Во изминатите години Кина ги поддржува бизнисите и државните претпријатија кои се компетитивни на глобалниот пазар, создавајќи т.н „национални шампиони“. 

Преструктуирањето на економијата во Кина доведе до десеткратно зголемување на БДП од 1978 година до денес. Растот на кинеската економија во последните 30 години е резултат на големиот раст на производството. Кина ја има најголемата работна сила во светот од 800 милиони работници. Овој тренд најверојатно ќе продолжи и во идните две децении, преку имплементирање на пазарно ориентирани реформи, брза индустријализација и урбанизација. Во 2010 година Кина се издигна како втора најголема економија во светот. Најголеми трговски партнери на Кина се Европската унија и САД, а обемот на трговска размена со ЕУ во 2011 година го надмина оној со САД. Останатите трговски партнери на Кина се Јапонија, Хонг Конг, Јужна Кореја, како и земјите од АСЕАН.

Според последниот петгодишен план усвоен во март 2011 година, основа на кинескиот економски развој треба да биде зголемувањето на домашната потрошувачка и континуирани економски реформи.