Од 102-та владина седница: Разгледан е Извештајот од М-НАВ за процесот за селекција и обука на кандидати за контролори на летање; Дадена е согласност за договор за проширување инвестиција со најавени над 150 нови работни места

Владата на Република Северна Македонија, на денешната седница го разгледа Извештајoт во однос на процесот за селекција и обука на кандидати за контролори на летање согласно Јавниот оглас број 3/2022 објавен од М-НАВ на 28.07.2022 година, од Акционерското друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација М-НАВ АД Скопје.

На седницата беа образложени активностите коишто се спроведени од страна на М-НАВ АД Скопје во однос на процесот за селекција и обука на кандидати за контролори на летање согласно јавниот оглас.
 
Од страна на претставниците на М-НАВ АД Скопје беше информирано дека постапката е реализирана согласно законски утврдени процедури, дека селектираните кандидати, кои се и вработени во М-НАВ АД Скопје, имаат положено селекциски тестови според меѓународни стандарди, а за нивната професионална стручност зборува и фактот што по положените тестови, може да конкурираат за работа и во која било друга странска држава.

До Владата беа доставени информации за: утврдување на потреба за регрутирање и селекција на кандидатите, пришто е посочено дека е согласно Годишниот план за работа на М-НАВ АД Скопје и Планот за јавни набавки на М-НАВ за 2022 година; за спроведувањето на јавната набавка и склучениот договор со економскиот оператор GATE Aviation Training APS од Данска, за селекција, почетна обука и обука за ADI TWR рејтинг за осум кандидати за контролори за летање; беше објаснето дека регрутацијата и селекцијата на кандидати за контролори на летање е реализирана согласно донесен Акционен план, со цел, како што беше објаснето, овозможување на сите инволвирани поедноставно следење на временските рамки на процесите поврзани со регрутација и селекција на кандидати за контролори на летање. Доставени се и информации околу објавувањето јавен оглас; селекцијата на кандидати за контролори на летање, за што бил изготвен временски план и била спроведена селекција во соработка со ангажираниот економскиот оператор GATE Aviation Training APS со доставување предлог ранг листа на најуспешни кандидати, околу тестот за претселекција и тестирањето со FEAST тестот (First European Air Traffic Controller Selection Test), пришто FEAST II тестот и потоа FEAST III тестот го положиле тринаесетмина кандидати. Од нив, како што е информирано, за осумтемина кои се стекнале и со лекарско уверение, биле дадени насоки за вработување и нивно упатување на школување.

Владата, на седницата, ја усвои и Информацијата за Предлог договор за доделување државна помош на Друштвото за производство на внатрешни компоненти КИЕЛ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Желино и донесе Одлуката за давање согласност за Договорот.

Согласно деловниот план којшто се однесува на реализација на инвестициски проект во ТИРЗ Тетово за производство на седишта за автобуси и возови, како што информираше Министерството за економија, друштвото се обврзува да инвестира износ од 9.291.750 евра во денарска противредност, пришто ќе вработи најмалку 150 нови вработени, до датумот на завршување на инвестицискиот проект (31.12.2025 година).

Владата донесе и Одлука за обезбедување финансиски средства на ЈП Национална радиодифузија за 2022 година.

Со средствата од оваа одлука националните радио станици ќе се ослободат од обврската за плаќање на надоместокот за дистрибуција на сигнал за 2022 година кон Агенцијата за електронски комуникации.

Ова значи дека делумно ќе се покријат трошоците на националните радио станици, коишто произлегуваат од обврската за плаќање на надоместокот за дистрибуција на сигнал за 2022 година,  во вкупен износ од 7.500.000,00 денари, со средства од Буџетот на Владата на Република Северна Македонија, предвидени во делот на антикризните мерки.