Вамен: Пречките да се надминат, да се одржи динамиката на дијалогот на високо ниво
Пречките мора да се надминат за да стигнеме таму каде што сме наумиле. Оваа држава во некој временски период треба да стане членка на ЕУ. Во моментов се одвива дијалогот на високо ниво, патоказот е направен, а тоа е рамка во која се работи. Данска го подржува овој процес целосно. Уверен сум дека ќе видиме важни чекори од Владата во тесна соработка со ЕУ. По решавањето на спорот со името во иднина ќе можат да се преземат наредни важни чекори. Останувам оптимист дека спорот ќе се реши во најкус можен рок, а тоа е еден од нашите приоритети.
Ова денеска го изјави данскиот министер за европски прашања Николаи Вамен во Скопје по средбата со вицепремиерката за европски прашања Теута Арифи, одговарајќи на новинарско прашање дали Данска како земја претседавач со Унијата ќе го отвори македонското прашање и имајќи ја предвид состојбата во Грција, дали ЕУ ќе помогне во решавање на спорот со името.
Вицепремиерката Арифи, пак, рече дека Македонија прави конструктивни напори за решавање на спорот со името истакнувајќи дека треба да се земе предвид и фактот дека сме во период кога другата страна треба да го приврши периодот на формирање Влада.
На средбата Арифи - Вамен било разговарано за односите меѓу двете земји, но и меѓу Македонија и Европската унија, дијалогот на високо ниво, како еден нов и многу значаен момент во односите меѓу Македонија и ЕУ, како и за целите и за динамиката на процесот и за реализација на Оперативниот патоказ.
- Заеднички оценивме дека е особено битно да се одржи динамиката на дијалогот на високо ниво како една голема можност на Република Македонија, за авансирање на процесот со ЕУ и односите со неа, изјави Арифи.
Станало збор и за регионалните прашања и за важноста европските процеси да дадат придонес во однос на напредувањето на регионот кон ЕУ. - Особено сум задоволна што претседавачот со ЕУ уште еднаш покажа дека ЕУ со сите нејзини институции е сосема комплетнмјо ангажирана во однос на процесите на регионот и на ЕУ и во однос на процесот на проширувањето на ЕУ, рече Арифи.
Вамен на прес-конференција ја пренесе поддршката на неговата земја и на ЕУ на Македонија за евроинтеграциските процеси.
- Не е тајна дека ЕУ се соочува со големи предизвици, некои би сакале да гледаме внатре во ЕУ, но јас сметам дека е особено важно да останеме посветени на процесот и на агендата за проширување. Тоа е перспективата на ЕУ, рече Вамен. Тој и честиташе на македонската Влада за напредокот што е направен во однос на процесот на отворање на дијалогот на високо ниво и оперативниот патоказ и оти е многу важно што земјата останува посветена на ЕУ.
Данскиот министер за надворешни работи изрази надеж дека во кус рој ќе се најде решение за спорот за името.
- Данската Влада и претседателство ги поттикнуваат и ги охрабруваат оваа земја и владата во Грција да направат што е можно повеќе да најдат решение, рече Вамен повторувајќи дека неговата земја ќе остане посветена на овој регион.
Вицепремиерката за евроинтеграции Арифи одговарајќи на новинарско прашање во врска со протестите и настаните по петкратното убиство кај Смилковското езеро, рече дека овие случувања треба да се третираат сериозно бидејќи добрите меѓуетнички односи се предуслов за напредокот на земјата.
- Затоа е особено значајно сите фактори во земјата, но и меѓународно да го дадат својот придонес за тие процеси да одат напред. Одржувањето на принципите на реализацијата на принципите на Охридскиот рамковен договор и на европската агенда се најдобрата гаранција не само за стабилноста на земјата туку и за регионот во целина, изјави Арифи.
Вамен порача дека почитувањето на различните религии и култури се европски вредности.