Потпишан аранжман за соработка во земјоделскиот сектор помеѓу Македонија и Израел

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и неговата израелска колешка Орит Нокид синоќа во Израел потпишаа Аранжман за соработка меѓу двете земји во областа на земјоделството.

- Со документот се формализира соработката помеѓу двете земји, која во последните години се интензивира и тоа со реализација на проекти и програми за техничка поддршка, пренос на современа израелска технологија, знаење, искуства, како и преку специјализирани обуки и други форми на поддршка од израелска страна, соопшти македонското Министерство за зејоделство, шумарство и водостопанство.

Аранжманот за соработка во областа на земјоделството, се додава во соопштението, е основа за продлабочување и унапредување на билатералната соработка во областа на земјоделскиот сектор.

- Предвидува градење капацитети и размена на знаење, размена на искуство во земјоделски техники и технологија, соработка на ниво на советодавните служби, размена на информации од областа на земјоделството, промовирање јавни – приватни партнерства (ЈПП), диверзификацијата и интензивирање на земјоделското производство, со особен акцент на сточарството и градинарството, овоштарството, руралниот туризам, управувањето со вода и иновативните технологии за наводнување, заштита на земјиштето и соодветни земјоделски практики, но и производство на сертифицирано семе и саден материјал, како и други форми на соработка меѓу двете министерства, се посочува во соопштението.

Предвидена е и размена на знаење во областа на земјоделството преку размена на податоци кои се однесуваат на законите за земјоделство, статистички податоци и сите други работи кои се од заеднички интерес.

- Со цел да се овозможи интензивирање на трговијата со земјоделски производи меѓу Република Македонија и Израел, ќе ја поттикнеме размената на информации кои се однесуваат на соодветните регулативи од областа на фитосанитарната политика, заштитата на растенијата и ветеринарството, велат од македонското Министерство за земјоделство.

Аранжманот влегува во сила на денот на потпишувањето и ќе остане во сила за период од пет години. По истекот на овој рок, автоматски ќе биде продолжен за нови пет години.