Од прес-конференцијата на портпаролите на Владата и соработникот Андонов: Училиштата кои не користат евтина струја, веднаш да се пријават и да ја искористат поволноста што ја нуди ЕСМ

На денешната прес-конференција на портпаролите на Владата, Душко Арсовски и Муамет Хоџа и соработникот за енергетика, Виктор Андонов, беа презентирани најновите информации за енергетската состојба во земјата и одлуките од вчерашната 119 владина седница.

Соработникот Андонов рече дека оваа година започна со стабилно домашно производство на електрична енергија.

„Неколку дена по ред во јануари ЕСМ произведува и продава ноќни вишоци на електрична енергија. За периодот од 12 до17 јануари 2023 година продадени се вкупно 1.980 МWh електрична енергија како ноќни вишоци во јавна и транспарентна постапка од ЕСМ за која јавноста навремено беше информирана. Енергетскиот биланс за 17 јануари 2023 покажува дека вкупното производство на електрична енергија изнесува 17.752 MWh, од кои 13.801 МWh се од термоелектраните, додека 3.951 МWh се од обновливи извори. Продадени се и ноќни вишоци на електрична енергија од 330 MWh. Со овие количини целосно се задоволени потребите на домаќинствата и на малите потрошувачи“, додаде Андонов.

Како што посочи тој од ова производство на ЕСМ задоволени се и потребите на дополнителните обврски кои ЕСМ Снабдување ги доби од Владата, за виталните дејности како што се болниците, училиштата, јавните претпријатија, компаниите од прехранбениот сектор и другите објекти од витална инфраструктура во државата.

„Во пресрет на почетокот на учебната година, би сакал да упатам уште еден апел до основните и средни училишта коишто се немаат пријавено за субвенционирана електрична енергија тоа веднаш да го сторат. Министерството за образование во текот на вчерашниот ден исто така ги повика училиштата да аплицираат на повикот за субвенционирана електрична енергија, за што службите на ЕСМ им стојат на располагање. Рокот за пријавување за субвенционирана електрична енергија за периодот од 1 февруари 2023 истекува во петок на 20 јануари 2023. Заеднички интерес е децата да имаат непречена настава и топли училници, а училиштата пониски трошоци за електрична енергија“, рече соработникот за енергетика Виктор Андонов.

На прес-конференцијата, портпаролот Арсовски информираше дека на вчерашната седница, Владата ја разгледа Информацијата за изработка на Проект за реконструкција и ревитализација на Старото училиште „Димитар Влахов" во село Љубојно и за негова адаптација во Центар за промоција на македонскиот јазик. Тој рече и дека постапката ја иницира Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј - Битола, а Министерството за култура е задолжено да ги преземе сите натамошни дејствија во врска со адаптацијата.

„Покрај неговите исклучителни архитектонски особености, тоа има и исклучителни општествено-социјални и историски вредности со национален предзнак. Во периодот по Втората светска војна, во ова училиште започнува наставата на македонски јазик и тоа е второто училиште, по Подвис, каде се практикува наставниот македонски јазик“, информира Арсовски.

За кадровските решенија, портпаролот Хоџа информираше дека Владата го разреши директор на Управата за извршување на санкциите, Марјан Спасовски, додека Владата за директорка на Педагошката служба ја именуваше Вангелија Велева, по претходно отворен јавен оглас на којшто Велева е единствен уредно пријавен кандидат.

„Владата на Република Северна Македонија и Владата на Државата Израел ги завршија преговорите за соработка во областа на електронски комуникации и поштенски услуги. Во тој контекст сакаме да истакнеме дека Владата на Република Северна Македонија на вчерашната седница ја усвои Информацијата на Министерството за информатичко општество и администрација и го разгледа и прифати усогласениот текст на договорот за соработка со државата Израел во оваа сфера.  Воспоставувањето на соработка помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Државата Израел за соработка во областа на електронски комуникации и поштенски услуги е со цел унапредување на трговските и техничките размени како од економски и социјален аспект, така и во насока на продлабочување на заемните врски за модернизација на електронските комуникациски мрежи“, рече портпаролот Хоџа.