Ковачевски во посета на Преспа: Старото училиште во Љубојно станува Центар за промоција на македонскиот јазик, го штитиме и афирмираме македонскиот идентитет

Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, денеска го посети старото училиште „Димитар Влахов“ во преспанското село Љубојно. Премиерот, за време на посетата, најави дека ова училиште ќе се реконструира и ревитализира во Центар за промоција на македонскиот јазик.

„Министерството за култура веќе започна дејствија за реконструкција и ревитализација на објектот на старото училиште, тука во Љубојно, и негова адаптација во Центар за промоција на македонскиот јазик. Со грижата за овие објекти, коишто се дел од нашето јазично и културно наследство, ја испраќаме пораката дека оваа Влада се определи за заштита и афирмација на македонскиот јазик дома и во светот. И продолжуваме во таа насока, со што го штитиме и афирмираме и нашиот посебен македонски национален идентитет“, рече премиерот Ковачевски, за време на посетата на училиштето во Љубојно.

Зборувајќи за достигнувањата на Владата, премиерот Ковачевски го нагласи и значењето на македонскиот јазик во глобални рамки, набројувајќи го договорот ФРОНТЕКС, потпишан на македонски јазик, како и официјализирањето на македонскиот јазик во ООН и ЕУ.

„Во овој преспански крај, кога го потпишавме договорот со којшто го осигуравме членството во НАТО, со што ги осигуравме и територијалните граници на нашата татковина, се обврзавме на целосна заштита и на македонскиот јазик и на нашиот посебен македонски идентитет. И денес за сите е јасно дека ние го исполнуваме ветеното.

Како Влада, активно продолжуваме со посветеноста кон нашето историско и културно наследство што нè дефинира и нè определува како народ и како држава“, порача премиерот Ковачевски.

Министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, на настанот потенцираше дека не го заборавиле старото училиште во Преспа, кое, како што рече, за прв пат почнало со настава на македонски јазик на 15-ти ноември 1944 година.

„Владата, Министерството за култура и Завод и музеј Битола си дадоа задача - објектот со имотен лист број 55 да заживее во чест на македонските дејци и во спомен на сите просветни работници. Да стане собиралиште на лингвистите, педагозите, наставниците и професорите по македонски јазик. Да остане како паметник за генерациите по нас дека темелите на ова здание се всушност историски темели на образованието на мајчин, македонски јазик, столбот на нашиот идентитет“, изјави министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевскa.

Владата на 119-та седница, одлучи старото училиште „Димитар Влахов“ во село Љубојно да се ревитализира во Центар за промоција на македонскиот јазик.

Објектот на старото училиште „Димитар Влахов“ во село Љубојно е изграден во 1907 година на местото кадешто функционирала постара градба со оваа намена уште од 1882 година. Според исклучителните архитектонски карактеристики, овој монументален објект има фасади декорирани во неокласичен стил со посебно нагласена челна страна, која, во делот на покривот има богато украсен тимпанон. Изградена е во масивен систем, со визба, приземје и кат, просторно расчленет на осум простории. Иако објектот кон крајот на 20. век страдал во пожар, сепак неговиот надворешен изглед, монументалноста и основните конструктивни елементи се зачувани. Покрај неговите исклучителни архитектонски особености, старото училиште „Димитар Влахов“ има исклучителни општествено-социјални и историски вредности со национален предзнак. Имено, во периодот по Втората светска војна, во ова училиште започнува наставата на македонски јазик и тоа е второто училиште, по Подвис каде се практикува наставниот македонски јазик. Оваа зграда не е заштитена како засебно добро, меѓутоа е во режим на заштита од 2020 година, како дел од споменичната целина село Љубојно. Носител на правото на сопственост на објектот ја има Република Северна  Македонија.

Со изработката на соодветна урбанистичко-архитектонска документација, ќе се овозможи негова комплетна реконструкција, во смисла на објект за намена на образовна и научна институција-Центар за промоција на македонскиот јазик. Односно, ќе се уреди начинот на користење на просторот, како и условите за градење на градбите, ќе се спроведе важечката планска документација „Општ акт за село Љубојно“, во село Љубојно, Општина Ресен.

Министерството за култура во рамките на својата Годишна програма за финансирање на објекти од национален интерес во културата за 2022 година го финансираше проектот Изготвување на урбанистичко-архитектонска документација за објектот на Старото училиште „Димитар Влахов“ во село Љубојно во висина од 163.000 денари.

 


Изјава на премиерот Димитар Ковачевски по повод реконструкција и ревитализација

на старото училиште „Димитар Влахов“ во село Љубојно-Преспа

 

Почитувани граѓани,
Најпрвин благодарам што сте тука денес заедно во село Љубојно,
Ви благодарам за присуството на овој голем ден за нас, за нашето културно наследство, за македонскиот јазик. Ова Старо училиште „Димитар Влахов" во село Љубојно, каде што сме сега, ќе биде Центар за промоција на македонскиот јазик.
Ќе се послужам со зборовите на големиот Конески и ќе кажам „Се додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски, ќе можеме да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште“.
И ова Старо училиште во Љубојно, вековно огниште на употребата на македонскиот јазик, второ училиште во државава, каде по Втората светска војна започнува настава на македонски јазик, ја потврдува констатацијата на нашиот јазичен визионер Блаже Конески, но и вербата на Кочо Рацин, Славко Јаневски, Ацо Шопов и низа други автори - дека активната употреба на македонскиот јазик е неговата најголема промоција.
Тоа го знаеле и македонските учители кои образувале низа генерации на македонски, мајчин јазик.
Го знаеме и ние денес.
И затоа сме овде.
Владата ја донесе одлуката и Министерството за култура веќе започна дејствија за реконструкција и ревитализација на објектот на Старото училиште тука во Љубојно и негова адаптација во Центар за промоција на македонскиот јазик.
Со грижата за овие објекти, коишто се дел од нашето јазично и културно наследство, ја испраќаме пораката дека оваа Влада се определи за заштита и афирмација на македонскиот јазик дома и во светот.
И продолжуваме во таа насока, со што го штитиме и афирмираме и нашиот посебен македонски национален идентитет.

Денес јасно и гласно, во официјални изјави на европските лидери и на претставници на меѓународната заедница се употребува терминот „македонски јазик“.
Македонскиот јазик е рамноправно застапен, заедно со сите други европски јазици, во Европската Унија, по неговото официјализирање во Обединетите Нации. 
Прв доказ за тоа е договорот со ФРОНТЕКС на македонски јазик.
А и целокупното европско законодавство веќе се подготвува да се преведе и на македонски јазик.
Во овој преспански крај, кога го потпишавме договорот со којшто се осигуравме да станеме членка на НАТО, со што ги осигуравме и територијалните граници на нашата татковина, се обврзавме на целосна заштита и на македонскиот јазик и на нашиот посебен македонски идентитет. И денес за сите е јасно дека ние го исполнуваме ветеното.  
Како Влада, активно продолжуваме со посветеност кон нашето историско и културно наследство што нè дефинира и нè определува како народ и како држава.
Од преспанско Љубојно, денеска одиме и во ресенското село Курбиново, каде што се наоѓа еден од најзначајните споменици на културата, манастирската црква „Св. Ѓорѓи“, позната по најстарото сочувано ѕидно сликарство и несекојдневен пример на византиската уметност од крајот на XII век. Таму се реализирани неколку проекти за заштита и конзервација со што активно се работи на зачувување на ова огромно наше културно богатство.
Црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново е веќе впишана на тентативната листа на УНЕСКО, што е  прв чекор  во процесот на впишувањето на едно добро на Листата на УНЕСКО на светско наследство.
Почнав со зборовите на еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик, Блаже Конески, а ќе завршам со еден од најголемите борци за признавањето на македонскиот јазик, Крсте Петков Мисирков, кој вели:
„За среќа, има македонска национална култура и историја и тој факт го вооружува македонскиот народ, со непобедливо оружје во неговата борба за човечки права и за слободен национален живот, како рамноправен член во бројот на културните народи“.

Визиите на Мисирков и на Конески, нашата генерација, со огромни заложби на оваа Влада, ги остварува и верувам дека денес сите сме горди на тоа. 
Сакам на крај да изразам огромна благодарност до министерката за култура, до нејзините колеги во Министерството, до раководителите во ова училиште кои ќе работат на неговата комплетна реконструкција. Сакам да се заблагодарам и на невладините организации кои што во текот на изминатите години и децении постојано го промовираа овој крај и неговото значење за македонскиот јазик. Исто така и на поединци кои се наши општествени работници, дел од нив и медиумски работници кои што исто така не оставија да ова училиште биде оставено на забот на времето, а Владата потврдува преку веќе одобрениот проект и одобрените средства дека ова руинирано училиште ќе стане еден од најзначајните споменици на македонскиот јазик и воопшто на нашата култура и идентитет.