Владата на Република Северна Македонија на денешната седница ја прифати Иницијативата на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, институциите од јавниот сектор да го зголемат обемот на информации од јавен карактер што ги објавуваат на своите веб-страници, со што значајно ќе се унапреди транспарентноста и отчетноста на институциите.
Кабинетот на вицепремиерката Грковска во соработка со Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер и Центарот за управување со промени, по претходна анализа на информациите што граѓаните, медиумите, граѓанскиот сектор ги барале врз основа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, подготви Упатство за подобрување на транспарентноста на институциите од јавниот сектор, во кое се содржани податоци за информациите кои граѓаните најчесто ги бараат поделени во 37 области.
Сите иматели на информации во рок од шест месеци треба да ги објават информациите што ги поседуваат, систематизирани по области како што е наведено во Упатството за подобрување на транспарентноста на институциите од јавен сектор.
На овој начин, оценува вицепремиерката Грковска, се зголемува транспарентноста на институциите, се овозможува полесен пристап до информациите од јавен карактер, но и се зголемува и надзорот врз работата на јавните институции.
Со денешниот заклучок на Владата се задолжуваат, министерствата, органите во состав на министерствата, самостојните органи на државната управа, самостојните државни органи кои одговараат пред Владата, јавните претпријатија основани од страна на Владата, акционерските друштва во државна сопственост, како и другите иматели на информации, во рок од 15 дена од усвојување на оваа Информација да ги објават задолжително информациите од член 10 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер кои досега ги немаат објавено, а објавените информации редовно да ги ажурираат на месечно ниво.
Истовремено сите иматели на информации на своите веб-локации треба да ги објават анонимизирани барањата за пристап до информации од јавен карактер, заедно со одговорите кои веќе ги доставиле до барателот, со цел да можат да бидат повторно употребувани од други физички и правни лица. Истовремено, се задолжуваат сите иматели на информации најдоцна во рок од шест месеци од усвојувањето на оваа информација да постават банер со наслов „информации oд јавен карактер” на видливо место на нивните веб-локации и истиот да води до информациите од јавен карактер.