„Денеска имаме историски ден во кој Северна Македонија започнува изградба на автопатишта во должина од 110 километри, коишто ќе бидат со врвен квалитет и кои, конечно, после онаа запоставеност во времето на комунизмот, кога Македонија не била поврзана ниту на исток, ниту на запад од политички причини, туку била поврзана само на север и нешто на југ, конечно ќе имаме држава којашто ќе има и Коридор 10 завршен и Коридор 8 завршен“, изјави претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, одговорајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција по повод потпишувањето на договорот за изградба на коридорите 8 и 10 д.
„Од држава која е во центарот на Балканот, наместо, како до пред извесно време, кога бевме кружен тек, отколку раскрсница, сега конечно ќе станеме раскрсница, бидејќи со изградбата на коридорот 8, автопатот кон Албанија и со изградбата на коридорот 10, експресниот пат кон Крива Паланка и со изградбата на железничката пруга кон Бугарија и кон Албанија, Северна Македонија конечно ќе ги има двата коридори кои ќе ја направат раскрсница и ќе имаме излез на три пристаништа“, рече премиерот Ковачевски.
Во однос на постапката за избор на изведувач, премиерот Ковачевски рече дека е спроведена согласно закон донесен од страна на Собранието, за кој гласале сите пратеници, којшто закон е потврден и од Уставниот суд.
„За законитоста на постапката одговараат сите институции, коишто, согласно овој закон, биле задолжени да ја спремат постапката за избор на изведувач и за избор на надзор на истиот проект. Врз основа на законот е предвидено сумата колку што ќе чини овој автопат да биде дефинирана врз основа на експертско знаење, кое го поседува фирмата консултант и надзор, во овој случај ИРД, а државата одлучила преку закон во Собрание дека фирма изведувач ќе биде Бехтел и нивниот партнер Енка“, појасни премиерот Ковачевски.
Притоа, премиерот Ковачевски појасни дека реализацијата на двата коридори, е важна од повеќе аспекти. „Кога зборуваме за инфраструктурно поврзување, тоа значи и поврзување со енергенси. Покрај ова, веќе го поврзавме конечно гасоводот од Жидилово до Битола. Тој е завршен и затоа сега Битола влегува во втора фаза на гасификација на градот бидејќи градот Битола, од 84-та, како е почнат да се прави РЕК Битола, конечно има гас во Битола. Второ, на крајот на оваа година ќе започне изградбата на гасоводот од Грција кон Северна Македонија. Тоа значи дека нема да имаме само еден гасовод, туку два гасоводи. Доколку од Албанија почне да се прави и трет гасовод со оглед на плановите за ЛНГ терминали во Албанија тогаш ќе имаме и три. Со тоа ќе станеме држава која конечно ќе биде раскрсница и центар на Балканот. Тоа се стратешки проекти кои ако ги нацртаме на мапа, тогаш ќе го видите нивното значење и за постојниве компании и за идните компании, и за земја членка на ЕУ, кога ќе станеме. Во моментот кога ќе станеме, тогаш изборот на секоја компанија е дали дирекцијата на својата компанија ќе ја направи во Виена, во Загреб или во Скопје е ирелевантно, бидејќи тоа е компанија којашто е во земја членка на ЕУ“, рече премиерот Ковачевски.