Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со делегација од Кнесетот на Државата Израел во состав: Хамад Амар, претседател на парламентарната групата за пријателство и соработка меѓу Државата Израел и Република Северна Македонија, Тсега Мелаку, член на парламентарната група и Дор Каидар, координатор за меѓународна соработка на Кнесетот, во придружба на амбасадорката на Израел во земјава, Симона Франкел.
На состанокот е констатирано дека Република Северна Македонија и Израел имаат блиски пријателски односи, базирани на меѓусебно разбирање, при што е изразена заедничка определба за натамошно унапредување на билатералните односи во повеќе области, меѓу кои ИТ секторот и безбедноста, економијата, туризмот, земјоделството.
Претставниците од Кнесетот на Државата Израел ги поздравија политиките на дијалог и разбирање, преку коишто Република Северна Македонија гради Едно општество за сите граѓани на домашен план и ги развива односите со соседите во регионот, што е во функција на одржувањето на мирот и стабилноста во Европа и светот.
Премиерот Ковачевски нагласи дека Република Северна Македонија се развива како достоинствена членка на НАТО и држава којашто е насочена кон следниот исчекор во европските интеграции, како успешна функционална мултиетничка демократија, со отвореност за соработка и со сите пријателски држави.
„Покрај стратешките приоритети на нашата надворешна политика, членството во НАТО и ЕУ, Владата има интерес за интензивирање и зајакнување на соработката земјите од Блискиот Исток во сите области од взаемна полза“, рече премиерот Ковачевски.
На средбата е истакнато дека Северна Македонија, како земја членка на НАТО и активен учесник во меѓународната коалиција, којашто силно ја осудува руската воена агресија врз Украина, како и други земји од регионот и пошироко е изложена на различни хибридни и сајбер-напади, што упатува на соработка и размена на експертиза со странските земји, вклучително и со Израел во областа на сајбер безбедноста и отпорноста.
Во таа насока е оценето дека билатералниот договор меѓу владите на Северна Македонија и Израел за електронски комуникации и поштенски услуги, потпишан во февруари оваа година, обезбедува солидна, правна основа за натамошно проширување на односите во различни полиња од заеднички интерес.
На состанокот е заеднички изразена осуда на сите форми на тероризам, при што премиерот Ковачевски рече дека за сите безбедносни прашања во Европа, Блискиот Исток и регионот на Персискиот Залив, Северна Македонија е усогласена со позицијата на ЕУ и ги координира своите политики во рамките на ЕУ и со партнерите во НАТО, особено со САД, како и дека во таа насока нашата држава поддржува трајно решение за Блискиот Исток што ќе обезбеди мир и трајна безбедност на Израел.
„Силно ги осудуваме сите форми на антисемитизам, негирање на Холокаустот и поврзаните искривени толкувања“, рече премиерот Ковачевски.
Владата на Република Северна Македонија, како што додаде премиерот Ковачевски, посветува големо значење на Еврејската заедница во нашата земја, која е многу почитувана - и во претстојниот период, во контекст на предвидената дебата за уставните измени, премиерот Ковачевски ќе предложи вклучување и на Евреите во Уставот на Република Северна Македонија, што се надева ќе биде широко прифатено од сите политички субјекти во земјата.
Премиерот Ковачевски соопшти дека оваа година, под покровителство на Владата, се одржуваат повеќе настани со коишто се одбележуваат 80 години од ужасните 11-ти и 12-ти март 1943 година, кога 7.144 Евреи од земјава биле депортирани во логорот на смртта во Треблинка.
При тоа, заеднички е констатирано дека памтењето и учењето од минатото е важно за иднината на секоја земја и во таа насока има значење и во добрите односи меѓу Република Северна Македонија и Државата Израел.