Ковачевски за „Трилинг“: Со капиталните инвестици и стратешки пристап правиме историски промени во инфраструктурата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски во интервју за „Трилинг“, говорејќи за издавањето на еврообврзница истакна дека државата бележи намалување во задолжувањето. Дел од парите од издадената еврообврзница се користат за враќање на долг од 2016 година, направен од страна на владата на ВМРО-ДПМНЕ кој треба да се врати до јули годинава. Претседателот на Владата Ковачевски истакна дека голем дел од средствата се користат за капитални инвестиции кои се од големо значање за државата и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.

Ковачевски рече дека доколку се анализира структурата на целиот јавен долг минатата година ја завршивме со 57% задолжување во однос на БДП, што значи намалување на долгот во однос на претходните години. Најголем дел од средствата се искористени за капитални инвестиции. Стратегијата на Владата е инвестициите да бидат поголеми од дефицитот, истакна премиерот.  

„Кога зборуваме за задолжување заради капиталните инвестиции во државата, и минатата и оваа година, го следиме главното правило на финансиите, а тоа е инвестициите да бидат поголеми од дефицитот, а задолжувањето да се користи за капитални инвестиции. Минатата година ја завршивме со историски највисоко ниво на капитални инвестиции, 465 милиони евра. Го пуштивме во употреба експресниот пат до Кочани, што е комплетно финално решение од Штип до Кочани. Изминативе пет години направени се 78 градинки во држава, се работеше на голем број објекти во земјоделството, го пуштивме во употреба системот за наводнување Ранковце. Вчера го потпишавме договорот за почеток на изградба на Коридорот 8 и за Коридорот 10д“, рече премиерот Ковачевски.

Ова е најголемиот инвестициски проект во историјата на државата, од 1,3 милијарда евра, кој во период од пет години ќе биде буџетски финансиран.

„Тоа автопатско решение практично ќе биде од Тетово до албанската граница и конечно автопат помеѓу Прилеп и Битола во должина од 40 км. Ако ги погледнете километрите автопатишта коишто биле направени во државата од нејзиното осамостојување се работи за околу 160/70 км автопат, а само со овој проект ќе бидат изградени 110 км автопат во рок од пет години. Тоа е најголемиот инфраструктурен проект којшто ќе биде направен и е од големо значење, бидејќи Северна Македонија ќе има современ Коридор 8. Експресниот пат со Бугарија веќе се работи, тоа е сосема нов пат, се проширува и трета лента пред Деве Баир што значи дека конечно по завршувањето на Коридорот 8 заедно со завршениот Коридорот 10 ќе можеме да излеземе не само на солунското пристаниште, туку и на пристаништето во Драч. Тоа е исклучително многу значајно пред сè за компаниите и за економијата“, рече премиерот Ковачевски во интервјуто.