Министерот за правда Кренар Лога ги повика сите политички партии со консензус да го донесат новиот Изборен Законик. Во своето обраќање на конференцијата „Изборните реформи во Северна Македонија“, што ја организираше Националниот демократски институт, министерот Лога рече дека негова иницијатива е политичките партии да седнат на иста маса со цел да се најде модел по кој ќе се пристапи кон изготвување на нов Изборен законик и да се постигне консензус за одредени прашања кои имаат политичка конотација, затоа што тоа е и препорака дадена од Венецијанската комисија.
„Дали ни е неопходна оваа реформа? -Одговорот е да. Изборниот законик треба да стапи на сила најмалку шест месеци пред изборите, за да можат институциите да се подготват непречено да ги спроведуваат промените. Во последниот извештај за предвремените парламентарни избори, Специјалната мисија за проценка на изборите на ОДИХР јасно стави до знаење дека сè уште има голем број прашања во законската рамка за изборите што треба да се решат. Изборниот законик треба да се ревидира сеопфатно со цел да се усогласи во рамки и со другите релевантни закони, да биде во согласност со целите на ОБСЕ, меѓународните обврски и добрите практики”, рече Лога.
Министерот за правда информираше дека Министерството за правда е во процес на формирање работна група со цел изнаоѓање на најдоброто можно решение. „Мојата јасно зацртана цел е Изборниот законик да биде изготвен пред следните избори, а преку инклузивен процес да се гарантира правната сигурност со тоа што ќе се слушнат мислењата на сите политички партии. Затоа, ги повикувам сите политички партии со консензус да го донесеме Изборниот законик и ги утврдиме изборните правила. Упатувам апел до ВМРО ДПМНЕ како најголема опозициска партија да даде свој придонес и да номинира свој член во работната група. Согласен сум, претседателот на работната група да биде нивен предлог “, потенцираше Лога. Им се заблагодари на НДИ и на сите граѓански организации кои активно учествувале во реформските процеси за нашата земја и кои придонесуваат кон нејзино придвижување кон Европската Унија.