Ковачевски од Советот за стабилизација и асоцијација во Скопје: Настан со историска димензија, по отворените преговори, пред нас е можноста за членство во ЕУ до 2030 година

Претседателот на Владата на Република Северна се обрати на почетокот на Шеснаесеттиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, што започна и се одржува денеска во Скопје.  

„По бројните предизвици на патот кон членство во Европската Унија, Република Северна Македонија, минатата година, со политичка храброст, конечно направи историски исчекор и ги започна пристапните преговори коишто означуваат почеток на нова квалитативна фаза во односите со ЕУ. 

И го потпишавме првиот официјален договор со ФРОНТЕКС, на македoнски јазик заедно со останатите 24 официјални јазици во ЕУ, како прв ваков официјален договор меѓу Северна Македонија и ЕУ, којшто е јасна потврда за заштитата на идентитетските одредници.

Овој состанок на Советот има историска димензија, бидејќи по 22 години од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација и 17 години по стекнувањето на кандидатскиот статус, го одржуваме со започнати преговори за членство на Северна Македонија во Европската Унија, како членка на НАТО.

Владата којашто ја предводам и во наредниот период ќе вложи максимални напори за навреме да ја заокружиме и отворачката фаза од пристапните приговори и да овозможиме динамизирање на преговорите“, порача премиерот Ковачевски.  

Со оглед на ротирачкото претседателство со Советот за стабилизација и асоцијација, со овогодинешнот состанок претседава Република Северна Македонија, односно претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, а ко-претседавач од страната на Европоската Унија е високиот претставик на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел.

Во делегацијата на Република Северна Македонија се и заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, а во делегацијата на Европската Унија учествуваат и еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, како и претставници на земјите членки на Европската Унија и европските институции.

Претседателот на Владата, Ковачевски, рече дека Владата работи со силен фокус на спроведувањето на неопходните реформи, особено во делот на владеењето на правото и дека продолжува посветеноста во унапредувањето на добрососедските односи преку развивањето дијалог базиран на меѓусебно почитување, во духот на европските вредности.

„Со целосна посветеност кон реформската агенда и динамизирање на процесот на преговори, Владата си постави амбициозна цел  - Северна Македонија да биде потполно подготвена да ги преземе обврските од членството во Европската Унија до крајот на 2030 година, за да може да стане земја членка на ЕУ до почетокот на следниот буџетски период на Европската Унија“, порача премиерот Ковачевски.

Претседателот на Владата, Ковачевски, посочи дека бруталната инвазија на Русија врз Украина длабоко ja промени геополитичкaта реалност и нашата држава веднаш и недвосмислено се приклучи кон едногласната осуда на Европската Унија и меѓународните партнери, за неоправданата и неиспровоцираната агресија врз суверена земја и согласно своите можности, пружи хуманитарна, воена и дипломатска помош.

„Република Северна Македонија се приклучи кон сите рестриктивни мерки коишто ЕУ ги воведе кон Руската Федерација, вклучувајќи ги и воведените во 2014 година, како резултат на анексијата на Крим, со што направивме 100-процентно усогласување со позициите на ЕУ во доменот на заедничката надворешна и безбедносна политика.

Со овој чекор ја реафирмиравме својата посветеност кон споделувањето на европските вредности и принципи, врз коишто се базира надворешната политика на Европската Унија, потврдувајќи го партнерството со ЕУ и стратешката европска ориентација“, рече во обраќањето премиерот Ковачевски.  

Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) којашто стапи во сила на 1 април 2004 година, ја претставува рамката за спроведување на договорните односи, сѐ до приемот на Република Северна Македонија во Европската Унија.

Во тек е состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација што годинава се одржува во Скопје, во Владата на Република Северна Македонија, на којшто може да се слушне јасна поддршката од нашите пријатели од Европската Унија за следниот исчекор на нашата држава во европските интерграции.

На состанокот се разговара за прашања од значење на Процесот за стабилизација и асицијација, како што се усогласогласувањето со европското законодавство, билатералните односи во рамки на Спогодбата за стабилизација и асоцијација и за актуелни прашања за политичкиот контекст во регионот и во Европа.