Премиерот Димитар Ковачевски во Охрид, ги пречека Жозеп Борел, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград - Приштина и за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.
Премиерот Ковачевски е домаќин на состанокот на високо ниво од дијалогот помеѓу Белград и Приштина на кој ќе учествуваат претседателот на Србија, Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, под покровителство на Европската Унија.
На средбата присутните ја истакнаа взамената заложба за решавање на сите отворени прашања по пат на дијалог, за што Северна Македонија е одличен пример. Сите досегашни преземени чекори и разрешени прашања по пат на отворен дијалог, обезбедија пред сѐ безбедност и континуиран развој, а Северна Македонија од заробена и изолирана држава денес е фактор на стабилност во регионот, со развиени и негувани добрососедски односи, земја со обезбедени услови за напредок, подобра иднина и подобар животен стандард за граѓаните.
Премиерот Димитар Ковачевски, високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел и специјалниот претставник Лајчак, се согласија дека местото на Западен Балкан е во Европската Унија особено во услови на геополитички превирања, длабока поделеност на светот и воена агресија на европскиот континент. Во тој контекст изразија задоволство од отвореноста на Србија и Косово по пат на дијалог да ги решаваат отворените прашања во име на подобра иднина за целиот Западен Балкан, каде конфликтите и несогласувањата треба да се остават за минатото време.