Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, утрината присуствуваше на Воскресната Литургија во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, со којашто, традиционално за Велигден, богослужи поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан.
На Литургијата, заедно со премиерот Ковачевски, присуствуваа и министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов и директорот на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски.
Премиерот Ковачевски, по завршувањето на литургијата поразговара со присутните граѓани во Соборниот храм, посакувајќи им добро здравје, спокој и радост, а на поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан и лично му го честиташе Христовото Воскресение – Велигден, на него, на свештенството и монаштвото на МПЦ-ОА, како и на сите граѓани кои го чествуваат Велигден, нагласувајќи го значењето на заедничка изградба на перспективна иднина.
Премиерот Ковачевски, заедно со министерот Пенов и директорот Сотировски имаше и куса празнична средба со поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, на којашто беше реафирмиран заедничкиот став за потребата од обединување во напорите на просперитет.
Изјава на премиерот Ковачевски
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, утрината присуствуваше на Воскресната Литургија во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
Во продолжение изјавата на премиерот Ковачевски во целост:
„Најпрвин сакам да ви се заблагодарам на овој голем христијански празник, во мое име и во име на Владата, на сите наши граѓани, на сите православни верници да им посакам среќен Велигден.
Христос воскресе!
Ова е голем празник, при што сакам на сите да им посакам мир, спокој, пред се здравје и напредок на личен и професионален план.
Низ вековите ние православните Македонци и сите кои живееме на овие простори сме покажале дека кога сме единствени тогаш можеме да напредуваме, тогаш можеме да се развиваме, да оставиме секогаш подобро наследство за нашите идни генерации.
Тука се наоѓаме во соборниот храм на МПЦ, ние сме наследници и на делото на Кирил и Методиј и на Св.Климент и на Св.Наум и на сите наши просветители и светци и би им порачал на сите наши граѓани дека треба да бидеме единствени, да ги надминеме разликите кои ги имаме меѓу нас, оние кои во минатото имале помеѓу себе недоразбирања треба да ги надминат и сите заедно да направиме нови чекори за просперитетна за успешна и за среќна за сите граѓани Република Северна Македонија.
На сите наши православни верници уште еднаш, на вас медиумите, на сите граѓани да им посакам среќен Велигден. Христос Воскресна!“