Министерот Бесими оствари средба со новонаименуваниот косовски амбасадор, Хиса

Министерот за одбрана на Република Македонија, Фатмир Бесими денеска оствари протоколарна  средба со новоименуваниот Амбасадор на Република Косово во Република Македонија, Илбер Хиса.

На средбата, соопшти Министерството за одбрана, е потврдена одличната соработка од областа на одбраната меѓу двете земји, а истовремено е изразена подготвеноста на МО и на АРМ за поддршка во јакнењето на одбранбените институции на Република Косово преку пренесување искуствата во одбранбените реформи и изработката на стратегиските документи, како и подготвеност за ставање на располагање на нашите национални капацитети кои ги имаме понудено во регионален контекст (Воено медицинскиот центар, Полигонот Криволак, Регионалниот центар за медиуми и комуникации).

Укажано било и на подготвеноста на Македонија да даде поддршка за 2-4 кадети во воената академија во Скопје во наредната учебна година за кандидати од Косово, како и воените вежби кои би се одвивале во Криволак од страна на косовските безбедносни сили. Притоа, се споменала и можноста за трансфер на искуства во однос на најновата софтверска апликација за буџетско планирање и логистика.
 
На средбата било дискутирано за можностите на идно зајакнување на соработката и довербата помеѓу двете соседски земји, како и за понатамошно продлабочување на воспоставените билатерални релации во делот на одбраната, како и афирмативниот став на Република Македонија за поддршката кон пристапувањето на Република Косово во сите регионални иницијативи и соработката во евроатлантските интеграциски процеси.