Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се обрати на почетокот на годинешниот Самит „Македонија 2025“, посветен на просперитетни економии, преку општествена трансформација, дигитализација и стратешко лидерство, а којшто ќе се одржува во следниве два дена во Скопје.
На Самитот се присутни Мајкл Чкламовски, претседател на Одбор на директори на Македонија 2025, Мајк Зафировски, ко-основач и член на Одбор на директори на Македонија 2025, Никица Мојсоска Блажевски, извршна директорка и член на Одборот на Македонија 2025, Роберт Доар, претседател на Американскиот институт за претпријатија, претставници од бизнис заедницата во Република Северна Македонија, експерти во областите за коишто ќе се дебатира.
Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:
„ Денес е првиот ден и официјалното отворање на овој важен Самит, на кој ми е навистина големо задоволство да се обратам.
На почеток, сакам да истакнам дека низ посветена работа и преку стратешкото лидерство на кое што ги поставивме владините политики изминативе години остваривме перспективи за просперитетна македонска економија.
Дури и кога ќе ја погледнете табелата што ја извади Никица, таа табела покажува дека за 1 години 50%, 7 од 14 индикатори кои ги покажа се подобрени, а кај економските индикатори 50% од индикаторите исто така се остварени или подобрени. Ако некој за тоа треба да добие заслуга тогаш тоа е економскиот тим на Владата чијшто претставник тука меѓу нас е министерот за финансии.
Драго ми е што и Македонија 2025, преку насоката на дискусиите што следат, за овие два аспекта, препознава дека едното оди со другото односно економскиот развој оди со сите оние фундаменти кои ги поставуваме и со навистина силно лидерство кое е потребно за да државата напредува.
И уште подраго ми е што сме пример и во регионот и во Европа, дека напредокот е можен кога се има фокусирано, храбро и стратешки поставено лидерство. И што денеска можам да зборувам низ конкретни резултати, коишто верувам ќе бидат мотивација и охрабрување и за други држави од регионот,но и за поединците тука во нашата држава да остварат конкретни резултати, да бидат мотивирани, да бидат похрабри и да носиме одлуки кои се базирани на стратешки цели кога го имаме предвид она што се случува околу нас на европскиот континент во текот на изминатата година меѓутоа верувам и во годината што е пред нас.
Имено, еден од клучните предизвици со кој се зафативме и на кој работиме по 2017 е рестуктурирањето на нашата економија.
Во 2018 година беше одобрен планот за економски раст и тогаш за прв пат тогаш почнавме покрај поддршката на странските инвестиции да ги поддржуваме и домашните инвеститори. И ова вроди резултат и покажа дека оваа Влада не е фокусирана само во еден од параметрите во економијата, односно растот на БДП, туку за клучно ја сметавме поддршката наа компаниите, бизнисот, за да може да е бизнисот спремен да одговори на предизвиците и да го донесе толку посакуваниот раст и развој во нашата економија.
Токму затоа и странските директни инвестиции во кризни услови, минатата година, бидејќи таа беше најкризна година по 2-рата Светска војна достигнаа рекордни историски износи од 753 милиони евра, само во една година, и тоа повторувам во најкризната година во Европа и кај нас.. Нашите странски директни инвестиции се на највисоко ниво во најкризната година и тие се два пати поголеми во однос на 2016 година.
Инвеститорите кои што доаѓаат во земјата остануваат и го прошируваат својот бизнис, го зголемуваат бројот на вработените и создаваат додадена вредност на нашата економија. А доколку ги погледнете анализите тогаш ќе забележите дека и нивото на плати, тука имаме и претставници на советот на странски инвеститори дека и нивото на плати веќе не е на ниво на минимална плата, туку веќе е над просечната плата во најголем дел од фабриките кои работат во слободните економски зони.
Минатата недела еден од најголемите производители на чипови за автомото иднустријата, за авио индустријата, медицинската индустрија, 5Г технологиите итн - Јагео, одлучи да отвори 205 милиони евра вредна инвестиција, најголема инвестиција од практично отпочнувањето со работа во слободните економски зони која во својот производен капацитет во кој ќе работат речиси 4000 вработени. И ова е најдобра потврда дека ние имаме и ресурси и знаење да произведуваме нешто за кое сметавме дека е незамисливо да се произведува во Македонија.
Затоа на сите оние кои сметаа дека на Македонците постојано им треба туторство, некој да ги учи, некој основите да им ги покажува – ова е најдобра потврда дека кај нас ќе се произведуваат чипови кои беше незамисливо да се произведуваат исто како што веќе се произведуваат најсофистицирани делови и за БМВ, Мерцедес и за други автомобили, познати марки од Германија, САД, Франција, Италија итн.
Тука, морам да напоменам дека навистина ми е задоволство што со воведувањето на новиот концепт на работење на ТИРЗ во земјава ние имаме резултати кои се навистина одлични.
Бројките најдобро зборуваат за тоа колку е ефикасен новиот концепт на инвестиции и поддршка на инвестициите во ТИРЗ. Последниве две години се постигнати договори од над 650 милиони евра, што е над половина од вкупниот обем на донесени инвестиции во претходните 10 години. Со новата инвестиција која ја споменав, надминуваме износ над 850 милиони евра.
Имаме над 16.500 вработени во Зоните што е за над 10.000 работници, само од 2017 година досега. Во првиот квартал имаме речиси една милијарда евра извоз што е највисоко ниво во последниве 5 години. Само минатата година компаниите во зоните достигнаа највисоко ниво на извоз од 3.7 милијарди евра на годишно ниво од зоните.
Тука ќе морам да напоменам дека минатата година во услови на најголема криза, Северна Македонија имаше рекордна реализација на капитални инвестиции од 465 милиони евра, што е за 60% повеќе од 2014 година која што сите заради нејзината популарност ја сметаат за година на најголеми инвестиции.
Значи сите споменици кои ги гледате овде, целиот овој стиропор е помала инвестиција од она што го направивме минатата година во текот на најкризната година. Минатата година инвестициите беа 465 милиони евре. Едиствената разлика е што во тоа време за 1 евро инвестиција се трошеа 4 евра за реклама на ТВ. Сега за секое евро инвестиција не се троши ниту 1 евро за реклама на ТВ за да се убедуваат граѓаните дека нешто што изгледа 100 милиони чини 400 милиони.
Само во последните три години, во услови на здравствена, економска и енергетска криза вредноста на капиталните инвестиции изнесува 1,1 милијарда евра.
Пред нас е изградбата на коридорите 8 и 10-д Северна Македонија влегува на карта на Европа и ќе ја направат земјата вистинска крстосница и која што навистина ќе направат да бидеме интерсекција на 2 важни коридори а тоа се 8 и 10Д.
Тоа ќе ни овозможи околу 650 милиони евра да се влеат во нашата македонската економија, со оглед на тоа дека проектот чини најмалку 1,3 милијарди евра кои според договорот 51% треба да бидат ресурси кои се од македонски компании. Економските импликации од реализација на овој проект се повеќекратни.
Тие ќе значат нови вработувања и нови пари од буџетот за инвестиции што ќе има влијаание врз БДП. Директна поврзани нови вработувања, согласно физибилити студијата се 3000 нови работни места, но дополнително се очекуваат и 5000 нови вработувања во индиректни дејности кои нормално ќе бидат логистика на овој голем инфраструктурен проект, што се вкупно околу 8000 работни места во државата.
Од аспект на инвестиции, вредноста на проектот е проценет на 1,3 милијарди за проектот, што за период од 5 години, во којшто ќе се изведува проектот, ќе значат номинално 2% зголемување на БДП на годишно ниво. Тоа се нови пари од Буџетот за инвестиции.
Воедно со Планот за заздравување и забрзување на економскиот раст во следниот период ќе се преземат мерки кои ќе го забрзаат растот над десетгодишниот просек од 2,5%. Планот се однесува на поттикнување на раст на јавни и приватни инвестиции, како и фискална консолидација.
Тука мислам дека вреди да се спомене дека како резултат на соодветните политики на Владата за подобрување на адектватноста на пазарот на труд преку активните програми за вработување стапката на невработеност, контунуирано се намалува, и во изминатите години е намалена за 8 процентни поени, додека стапката на вработеност кумулативно за истиот период е зголемена за 9,5%.
Така што оние аналитичари кои велат дека намалувањето на стапката на невработеност е заради иселување на луѓето, не може да им се потврди тоа со оглед на тоа дека ние имаме зголемување на стапката на вработеност во државата.
Ќе потенцирам дека инфлацијата, од октомври наваму, бележи секој месец пад од месец во месец.
Навистина сум задоволен што сите предизвици што ги донесоа, прво пандемијата, а потоа и војната во Украина, односно светската економска и енергетска криза ги пресретнавме и ги разрешивме на задоволство на сите граѓани.
Навремениот пакет антикризни мерки во висина над 760 милиони евра, кој беше оценет како најголема државна помош во регионот, според податоците на Светска банка, ние успеавме да го заштитиме стандардот на граѓаните. Ние имавме најголем пакет според БДП во однос на сите земји во регионот.
Воедно, во истите кризни месеци и година успеавме да ги зголемиме и платите и пензиите. Денес, минималната плата е над 20.000 денари што е над 100% зголемување споредбено со 2016 година. Обезбедивме континуирано зголемување на просечната плата, и ги зголемивме и пензиите. Во март 2023, споредено со март 2016, просечната пензија се зголеми за 47% додека минималната пензија се зголеми за 60%.
Само со ваков одговорен пристап се можни вакви подобрувања во вака краток период.
Сакам да напоменам дека ние сме и единствена Влада досега која плански располага со средства и во целост ги користи парите од ИПАРД, тоа се европските фондови за развој на земјоделството и во развивање на земјоделството.
Лани инвестиравме 100% од достапните средства, за разлика од минати години кога не се успеваше ниту 50% да бидат инвестирани од ИПАРД средствата во државата, а за оваа година ЕУ ги зголеми средствата за Северна Македонија за 60% во однос на она што беше доделено минатата година.
Го зголемивме и домашното производство на струја и во услови на светска криза и од Република Северна Македонија почнавме да создаваме Зелен Енергетски хаб на Европа. Како одговорна Влада донесовме нова стратегија за развој на енергетиката до 2040 година која што целосно е заснована на европскиот зелен договор и веќе ја спроведуваме оваа стратегија во земјата.
Нашиот приоритет е транзиција на енергетскиот сектор и негова независност. Во кризни услови услови успеавме да придонесеме кон зголемување на интересот за инвестиции во обновливи извори на енергија и во рок од 1 година, до 31 март оваа година од првиот ден на мандатот на мојата влада имаме 192 мегавати инсталирани капацитети за произвдоство на електрична енергија од обновливи извори на енергија.
За земја од 1.8 милиони луѓе ова навистина е голем капацитет за производство на енергија од обновливи извори на енергија. Во 15 месеци нашата РКЕ издаде 400 лиценци за изградба на електрани од обновливи извори на енергија и со ова ние денес можеме да ги покриеме енергетските потреби на 10 македонски града со просечна потрошувачка на енергија на граѓаните.
Оваа, 2023 година се очекува да започне и изградбата на гасниот интерконектор со Грција со којшто се приклучуваме на транс-јадранскиот гасовод и ќе добиваме гас како од Азербејџан така и од другите држави кои продаваат и земен и ЛНГ гас. А со добрососедските политки овозможивме и зголемена функционалност на интеконекторот Ќустендил – Жидилово, што го олеснува пристапот до гас.
Пред да се осврнам на потенцијалите на регионалната соработка и економските придобивки од истата, сакам да го напоменам процесот на дигитализација на државата. Пред 10тина дена ја промовиравме програмата за Дигитализација „DigitalEra” на Министерството за информатичко општество и администрација, како и сите активности кои што се потребни за реализација на дигитализацијата на процесите во нашата држава.
Имплементацијата на овие активности преку дигитализација ќе доведе до подобрување на услугите за граѓаните, поголема ефикасност на институциите, преку што и ќе се влијае на намалување на корупцијата и креирање на побезбедна дигитална околина за граѓаните“. Месецов ја промовиравме и АДА, првиот дигиталнен асистент за јавниот сектор, базиран на вештачка интелигенција, кој е и прв во регионот, со која имаме солидна искористеност - во првите 48 часа, АДА има дадено услуги кон 1.321 граѓанин во делот на споделување на информации.
Воедно, во план е да се основа Агенција за дигитализација, со што ќе се овозможи дигитализирана јавна администрација која ќе влијае на ефективноста, транспарентноста и отчетноста на управувањето и ќе се придонесе кон стабилен економски раст на земјата. Ваква Агенција за дигитализација ќе може да ги консолидира и кадровските ресурси кои што работат на ова поле во различни владини институции, меѓутоа да стане и конкурентна во делот на привлекување на ИТ инженери, коишто знаеме дека се дефицитарни и кои што имаат висока цена на пазарот на труд, со што државата ќе може да ги обезбеди кадрите кои што се потребни на полето на дигитализацијата и на полето на сајбер безбедноста. Што поголем степен на дигитализација толку е поголема потребата од зголемување на капацитетите за сајбер безбедност.
Оваа година ќе има суштински реформи, засновани на клучните европски принципи за дигитализација на услугите, насочени кон трансформирање на начинот на кој граѓаните комуницираат со јавната администрација. Паралелно со процесите на дигитализација, се поддржуваат и процесите кои ќе се реализираат преку неколкуте стратегии, како што се Стратегијата за ИКТ, Националната стратегија за сајбер безбедност, Стратегијата за реформа на јавната администрација, како и усогласувањето на нашата законска регулатива со ЕУ регулативата во однос на медиумите.
Она што сметам дека ќе биде особено важно за граѓаните е дека во рамките на дигитализацијата, ќе се воспостават Интегрираните сервисни центри кои го нудат концептот на едношалтерски систем, кои ќе бидат достапни за сите граѓани во 333 пунктови на државно ниво, за добивање на многу услуги само на една локација. Овие ЕТУ шалтери ќе бидат дел од инфраструктурата на АД Пошта на Северна Македонија.
На административните шалтери ќе се овозможи лесен пристап до сите услуги кои еден граѓанин сака да ги добие меѓутоа и обезбедување и услуги за лицата со посебни потреби да имаат приоритет за добивање на административни услуги. Се предвидува субвенционирање на програми од стратешки интерес за државата како што се сајбер безбедноста, вештачката интелигенција итн., како и воведување на дигитална лична карта.
Процесот за воведување на дигитална лична карта е веќе отпочнат, на него работи тим составен од повеќе ресори во рамките на МВР, со консултанти од Естонија и според естонскиот модел.
Сите овие процеси на дигитализација, покрај овие придобивки, ќе ни помогнат и во справувањето со корупцијата во државата, и ќе овозможат поквалитетни, побрзи и поефикасни услуги до граѓаните.
Сето ова кое го споменав се добри економски политики чие продолжување и унапредување ќе обезбеди раст и развој и на среден но особено на долг рок. Ние сме денес земја членка на НАТО, со почнати преговори со ЕУ, инвеститорите ја препознаваат државата како добро место за да ги вложат своите пари и да креираат дополнителен економски развој.
Европскиот пат е неповратен процес, и затоа кога ќе го видам слоганот на МК 2025 ако порано беше прашањето дали државата ќе оди лево или десно, напред или назад, тоа прашање веќе не се поставува. Бидејќи со влезот во НАТО, со носењето на тие тешки одлуки, со носењето на одлуката за прифаќање на заклучоците за отпочнување на преговорите со ЕУ во Собранието, нашата држава веќе преговара со ЕУ. Од тој пат нема ниту лево ниту десно. Постои единствена дестинација полноправно членство за државата во ЕУ до 2030.
Дали тоа ќе го направиме дотогаш или тоа ќе трае подолго, сега зависи единствено од нас и од капацитетот, лидерството и храброста на сите политички лидери во државата да носат одлуки кои нема да бидат важни само за нивните лични политички кариери туку ќе бидат важни за иднината на сегашните и идните генерации на оваа држава.
Затоа и сум точно сигурен во одлуките кои ги носевме изминатиов период беа правилни. Владата на Република Северна Македонија, знаеше дека членството во НАТО, напредокот во европските интеграции и регионалното поврзување, ги отвораат економските перспективи. Тоа самите бројки тоа го потврдуваат.
Тука важно да е се спомене економската соработка во рамки на иницијативата Отворен Балкан чии основачи сме ние, заедно со Србија и Албанија. трговијата на Северна Македонија со Србија во 2022 година во споредба со 2019 година е зголемена за 53 проценти. Исто така, трговската размена на Србија е зголемена со Северна Македонија.
Четириесет отсто е зголемена трговската размена на Северна Македонија кон Албанија, а зголемена е и размената на Албанија кон Северна Македонија.Се докажа дека пречките кои ги имавме на границите практично ги стопираа нашите луѓе и бизниси да работат заедно и да комуницраат меѓу себе.
Ќе ја повторам онаа изјава која ја дадов во Италија а тоа е дека не постои поидиотска работа од границите кои постојат на Балканот. Ние сме биле единствени држави кои меѓу себе немале граници, а денес сме единствени држави кои помеѓу себе имаат граници. Ако излезете на север од Србија до Скандинавија граници нема. Ако излезете на запад од Србија до Лисабон граници нема. Единствени граници кои останаа меѓу државите кои меѓу себе немаа граници. Она на што треба да работиме сите во регионот е укинување на границите меѓу нашите држави.
Со единствениот електронски систем за наплата на патарините меѓу Северна Македонија и Србија и во иднина со Албанија и со отворениот идентификациски број на личните карти за секој вработен да може веднаш да почне да работи од една во друга земја, ние ќе обезбедиме сериозен економски раст и развој и во земјата и во регионот.
Оваа регионална соработка е нешто навистина оригинално, автентично, базирано на добра верба, добра волја и добрососедски односи меѓу нашите три земји. Таа не само што помага на нашите граѓани, во нашите држави, туку помага и на сите луѓе во нашите три земји да се позиционираме меѓународно на повеќе полиња.Таа ни докажува дека заеднички сме посилни и секако поконкурентни.
Би можел уште многу да говорам, низ аргументи, за тоа каква поврзаност има стратешкото лидерство со просперитетот на економиите.
Но би завршил со неколку констатации.
Го деблокиравме патот кон Европската Унија, преговорите со Европската Унија се отпочнати. Државата е полноправна членка на НАТО. Дел сме од регионалните иницијативи со коишто има посилен проток на луѓе, стоки и услуги и формираме Заеднички регионален пазар, со што ги зголемуваме конкуретноста и интересот за инвестирање во нашиот регион, со тоа и во нашата држава.
Република Северна Македонија е во сосема поинаква позиција од онаа во којашто беше само пред пет години – односно: од изолирана и бесперспективна држава, создадовме интегрирана и перспективна држава.
Денес сме држава којашто е пример како со стратешко лидерство кое добило мандат од граѓаните, може да се гради просперитетна економија, а со тоа и просперитетна иднина и за своите граѓани и за да се придонесува во регионален и во европски контекст.
И се надевам дека ова мое обраќање ќе биде добра основа за интересна дебата во следните два дена на Самитот на Македонија 2025 во Скопје.
Ви благодарам од срце прво за поканата и за вниманието со кое ме ислушавте.“