Попоски: Македонија останува посветена на членството во НАТО и ЕУ
Македонија останува посветена на нејзините стратешки цели и интереси - влез во НАТО и ЕУ. Ќе продолжиме да дејствуваме како земја членка на Алијансата, а нашите очекувања и аспирации се исти како пред, за време и по Самитот на НАТО во Чикаго, оцени денеска министерот за надворешни работи Никола Попоски одговарајќи на новинарско прашање по работниот појадок со дипломатскиот кор.
- Во поглед на очекувањата пред, за време и по Самитот на НАТО во Чикаго, тие се еднакви. Тоа го рековме и пред неговото одржување. Немавме очекувања од Самитот бидејќи тој не беше самит за проширување. Значајно за нас е да покажеме дека имаме капацитет да дејствуваме како земја членка на Алијансата и да се продолжи со однесувањето на земја која е фокусирана на остварувањето на своите права, на своите стратешки цели и во тој правец сме насочени, рече Попоски.
Тој додаде дека засега нема сериозни сигнали од страна на Република Грција за поддршка на процесот на интеграција на земјите во регионот, како и за решавање на спорот со името. Македонија, за разлика од Грција, истакна Попоски, останува посветена на неговото решавање.
- Доколку се види динамиката на средби и иницијативи од наша страна нема никаква дилема. Тоа е нешто што го правиме и што ќе продолжиме да го правиме. Тоа што недостасува е одговор од другата страна, рече шефот на македонската дипломатија и додаде дека и покрај се не треба да се минимизира и потценува значењето на правниот аспект на пресудата од Хаг во врска со овој спор.
Прашан за последните случувања со обеледенувањето на делови од предлог на медијаторот Метју Нимиц од 2005 година, министерот Поповски посочи дека тоа има две димензии.
- Првата е институционална. Секој оној што прекршува закон треба да одговара според законите. Втората е политичката. Во тој контекст мислам дека ние како Република Македонија имаме интерес за максимална кохезија и максимален фокус на она што е наша стратешка цел. Во Македонија граѓаните очекуваат дека треба да се фокусираме на постигнување на нашите цели - НАТО и ЕУ членството, изјави министерот за надворешни работи и додаде дека Македонија мора да настапува на ниво на заштита на своите интереси, а тие, како што наведе, се многу јасни.