Македонските компании преку практики за извонредност до подобро работење

Прва конференција за бизнис извонредност - Business excelence Show  во Македонија денеска се одржува. Триесетина експерти ќе ги пренесат интернационалните практики за извонредност во менаџирањето на македонските компании.

Стремежот кон овие практики кои влијаат на подобрување на работата не е одговорност само на компаниите туку на другите чинители, како на академската заедница која треба да создава квалитетни кадри, но и на државата која треба да овозможи соодветни услови, порача вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски обраќајќи се на отворањето на конференцијата.

- Во Македонија има потенцијал, има компании кои што се подготвени да настапат на светските пазари и Македонија има што да понуди, рече Пешевски.

Тој на отворањето на конференцијата посочи дека денешниот настан на некој начин потсетува на активностите што македонската Влада ги прави како „роуд шоу“  низ голем број држави низ светот и каде што навистина наидуваат на еден одличен прием.

- За жал, го правиме тоа во време кога во светот се случуваше прва светска економска криза. Сега се случува должничката криза во Европа и не е едноставно да се привлечат голем број странски компании во Македонија, но сепак правиме голем напор, истакна Пешевски и додаде дека резултатите се охрабрувачки и оти во наредниот период ќе следат уште поголем број инвестиции во Македонија и поголем број ефекти од овие економски презентации.

Љубиша Аврамовиќ од Европскиот центар за мир и развој, обраќајќи се пред присутните, посочи дека бизнис извонредноста е важна и во македонската економија. Она што значи развој во економијата треба да го направат компаниите преку практики на извонредност во менаџирањето, а не владите.

- Човечкиот капитал е најважната долгорочна инвестиција која овозможува секоја компанија да ја зајакне и конкурентноста, рече Елена Младеновска Јеленковиќ, еден од организаторите на конференцијата.

Овие пактики на интернационално ниво се многу развиени и се користат во светот за постојано подобрување на работењето, а целта на оваа конференција е да почне да се применуваат од македонските компании.

Целодневното мултимедијално шоу опфаќа предавања, панел дискусии, видео проекции, јавувања во живо на 30-ина врвни експерти од 15 земји.

Целта на конференцијата е постигнување извонредност во работењето на која ќе се обработуваат теми поврзани со презентација на интернационални бизнис модели преку чија имплементација се постигнува извонредност во работењето.