Потпишан протокол за либерализација на превозот на стока меѓу Македонија и Полска
Либерализација на превозот на стока меѓу Македонија и Полска, предвидува протоколот потпишан на состанокот на македонско - полската мешовита комисија за меѓународен патен сообраќај за стока и за патници, што се одржа изминативе два дена во Скопје.
- Претставници на ресорните министерства на двете земји утврдија нацрт текст на протокол, односно дипломатска нота за извршување на Спогодбата за меѓународен патен превоз помеѓу Република Македонија и Република Полска со кој се предвидува либерализација на билатералниот и транзитниот превоз и која ќе стапи во сила во моментот на потпишување на протоколот или размена на дипломатската нота од страна на надлежните министри на двете земји или од страна на овластени претставници, соопшти Министерството за транспорт и врски.
Македонија е првата земја, која не е членка на Европската Унија, а со која Полска ќе воспостави превоз без режим на дозволи.
На состанокот двете делегации постигнале договор за годинава да разменат дополнителен контингент од по 500 дозволи за и од трети земји и утврдиле прелиминарната квота на дозволи за следната година да изнесува по 1.000 дозволи за превоз за и од трети земји за секоја од страните. Договорено е дозволите за превоз на стоки разменети во тековната година да бидат со важност до 31 јануари наредната година.
- Двете страни се согласија дека повремениот превоз на патници се извршува согласно одредбите од ИНТЕРБУС-спогодбата и се договорија да разменат годишен контингент од 50 дозволи за наизменичен превоз на патници за секоја од страните како прелиминарен контингент на дозволи за 2013 година, се вели во соопштението.